Заев: Реконструкцијата зависи од разговорите со партиите

Можни се промени во повеќе владини ресори, но може да се случи и никој да не се менува. Тоа ќе зависи од резултатите на разговорите за проширување на владината коалиција кои се во тек, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

– Течат во континуитет разговорите за проширување на владината коалиција и сакам да успее овој процес онака колку што постои подготвеност од двете страни, односно од помалите опозициони партии со кои преговарам и нашата владејачката страна, рече Заев пред Кривичниот суд во Скопје, прашан до каде е најавената реконструкција во Владата.

Потсети на неговата претходно дадена изјава оти за ова прашање ќе ја информира јавноста по првомајските празници.

Прашан зошто евентуалната ренострукција зависи од текот на разговорите, кога претходно кажал дека е и поради резултатите од работењето, Заев рече дека иницијалната причина е зголемување на парламентарното мнозинство, а потоа и согласно резултатите од работењето.

– Сакам во самите институции, за кои и паралелно правам анализа, да ги видам резултатите од промената на власта. Сакам да знам што тоа се променило на подобро. Тоа се важните критериуми. Штом ќе имам нешто ново ќе го споделам со јавноста, рече Заев.

Прашан од кои ресори не е задоволен, Заев кажа дека за одредените промени што ќе се случат во извршната власт ќе информира детално, кога ќе дојде време за тоа.

– Може да оставите да го соопштам тоа кога ќе дојде времето за тоа. Ако прејудицирам нешто, а после тоа се случат други работи, приказните ќе немаат крај. Дајте да бидеме сериозни, се работи за министри на Владата на Република Македонија, за заменици, за државни секретари и директори. Ова се пресериозни прашања и сето друго би било во најмала рака несериозно ако пред да бидат конкретен и конечен со одлуките го објавам, изјави Заев.