Заев до граѓаните на Грција: Немаме територијални претензии кон ниту една земја


Пе денешната лидерска средба во Скопје, македонскиот премиер Зоран Заев испрати и порака до граѓаните на Грција, дека со името Република Илинденска Македонија се прави целосно разграничување со регионот Македонија во Грција.

– Разграничувањето е од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации кон ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба и во 1903, и во 1944 година. Уште еднаш потврдувам и јас и мојот народ дека немаме никакви територијални претенизии и ги потврдуваме неменливоста на границите и почитувањето на наследството на грчкиот народ и Грција. Македонија е подготвена да го потврди ова на сите потребни начини, рече Заев.

Нагласи дека сега нам ни треба нов четврти Илинден во кој ќе се обединиме одново.

– Четвртиот Илинден е нашата светла иднина. Со четврт Илинден со евентуален договор меѓу Република Илинденска Македонија неповратно го отвораме патот кон членството во ЕУ и НАТО што е гаранција за нашиот опстанок и напредок. Во јули добиваме покана за членство во НАТО. Ќе бидеме рамо до рамо со САД, Франција, Велика Бритнија, Германија, со најсилните земји. Тие ќе бидат гаранција за нашата безбедност и стабилност, рече Заев.

Нема повеќе пречки, рече тој, за членство во ЕУ, отворени врати наместо блокада.

– Ќе добиваме повеќе пари и помош од ЕУ. Фондови за движење на економијата, фондови за подобар живот на граѓаните. Во кој момент ќе добиеме столче во Брисел ќе зависи само исклучиво од нас од тоа колку брзо ќе ги спроведеме реформите, рече Заев.

Нагласи дека со можниот договор ќе добиеме финална потврда за македонскиот јазик, гаранција за идентитетот и за меѓународните кодови мк и мкд.

– Грција од држава во која сме во спор станува наш поддржувач. Ќе ја имаме нивната поддршка, ќе се зајакне екномската соработка,  ќе се интензивира трговијата, ќе биде наш промотор во Европа и светот. Заради овие историски придобивки, заради ваквата гаранција за развој на Македонија, заради гаранцијата за влез во НАТО и ЕУ, заради гаранцијата за идентитетот македонски, ќе прифатиме севкупна употреба на името Републиа Илинденска Македонија како и заради зајакнување на меѓуетничката кохезија, рече Заев.

Спроведувањето, посочи тој, на употребата на новото име за внатрешна употреба би се реализирано во фази, етапно онака како што ќе напредуваме низ преговорите за членство во ЕУ, а ќе се обезбеди преку референдум и преку уставни амандмани.

– Јас донесов одлука и стојам 100 процентно позади стремежот да успееме како народ, како држава, како идеја. Верувам во ова решение, подготвен сум да водам и ќе водам напред. Јас сум Македонец и ве повикувам сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други, ама сите, следете ме и поддржете го можното решение за 25 годишниот спор кој ја влечеше Македонија надолу конечно да го решиме, порача Заев.

Повика сите заедно да ставиме печат на безбедноста, стабилноста развојот на нашата Македонија.

– Ајде сите заедно да поддржиме решение кое гарантира економски просперитет и унапредување на идентитетот. Сега е момент, ги повикувам сите политички сили во општеството, сите групи и заедници, приклучете се да ја искористиме оваа историска шанса за дефинтиивен заеднички успех за Македонија. Чесно на крајот да кажам дека ова треба да биде секако прифатено и од страна на Грција. Не дај боже ако не биде прифатено од било која страна остануваме посветени се додека не најдеме решение прифатливо и за нас и за Грција, рече Заев.

На новинарско прашање кога ќе има референдум, Заев рече дека Грција, иако не барала, прифатила да се спроведе референдумот со цел секако да го заокружиме вечно прашањето.

– Сепак ние менуваме нешто во Македонија. Соодветно чекорите штом ќе ги дефинираме веднаш ќе ги соопштиме. Следува идната седмица, средба, секако доколку и двете страни се согласувваат да продолжи ваквата средба со Нимиц во Њујорк каде што ќе се драфтираат на хартија овие постулати. Ќе се утврди договор, ќе се утврди времена рамка во којшто е и референдумот, секако и информацијата за почнување на поканата од НАТО, сите детали коишто се внатре, но секако и меѓународно правните аспекти за одлуките во ОН. Тие се документи што ги очекуваме до крајот на идната седмица, рече Заев.

Во однос на наводите дека грчката опозиција го одбила предлогот, Заев, рече дека дека верува дека навистина сите треба да направиме напори.

– Ги следам внимателно аргументите за коишто таму има и одредени и негативни одлуки. Не се во фунција на нашите очекувања. Јас очекувам и се надевам на консензус и во Грција и кај нас во Македонија. Тоа што го испратив како порака до граѓаните на Грција е вистината Илинденското востание е востание за социјални права и слободи, нема никавки претенизии према никој од соседите и према Грција. Траела Републиката десет дена, но тоа е нашиот вечен порив за борба за социјални права и слободи. Македонија денеска е слободна држава, ги ужива своите социјални права и верувам дека овој четврт Илинден, којшто е во најава навистина ќе остане гордост на мојот народ, на мојата земја, но ќе остане и симбол на градење на пријателство со еден добар, а тоа е нашиот јужен сосед, рече Заев.

Прашан дали без внатрешен консензус ќе ја тера идејата докрај, Заев рече дека не би сакал да избрзува заради тоа што процесот е сензитивен и внимателно чекориме.

– Имаме шанса да се договориме. Ако се договориме ја обезбедуваме иднината на нашите идни генерации, а секако и на сегашните генерации. Не би навлегувал во деталите, сите сме сериозни. Јас сум задоволен што сите сериозно пристапуваат на проблемот, сериозно го гледаат тоа, дава надеж и да изградиме и национален консензус. Јас верувам дека сите ќе бидеме достоинствени на моментумот пред кој што сме исправени во очите на нашите граѓани, во очите на иднината на идните генерации, рече Заев.