Ексминистер на СДСМ го замени „адвокатот на фамилијата“. Џанго: „Никогаш не сум бил член на партија“


– Никогаш не сум бил член на која било партија ниту, пак, некогаш во животот сум присуствувал на некој партиски состанок. За министер бев избран по долгогодишен работен стаж во МВР, вели Љубомир Михајловски-Џанго.

Тој, по кусиот „излет“ во високата политиката како шеф на полицијата во владата на СДСМ (во периодот 2004-2006 година), а претходно како директор на Царинската управа, ѝ се врати на адвокатурата, за во текот на викендот да биде избран за претседател на Адвокатската комора на Македонија (АКРМ).

Со оглед на тоа што работи како адвокат од 2000 година, а од 2006 година наваму во континуитет ѝ е посветен на оваа професија, Михајловски вели дека неговиот некогашен ангажман како министер за внатрешни работи не треба да претставува пречка за тој објективно и професионално да ја извршува функцијата претседател на АКРМ.

Михајловски доаѓа на местото на искусниот адвокат Никола Додевски кој, пак, главно, поради тоа што беше избран во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и учествуваше како бранител во многу предмети против поранешните високи функционери на оваа партија, беше нарекуван адвокат на фамилијата.

И ова изборно собрание на АКРМ, кое се одржа во Струга, го следеа повеќе контроверзии, а делод адвокатите се јавија со отворени реакции за процедурата според која се избираат новите раководни тела на Комората. Имаше реакции дека само Михајловски и Додовски знаеле кои се делегатите и дека досегашниот претседател на АКРМ учествувал во броењето на гласовите.

Од друга страна, Михајловски во изјава за „Независен весник“ вели дека знае дека има незадоволство кај дел од неговите колеги за начинот на функционирање на Комората, ама тврди дека постапката за избор на новото раководство била целосна транспарентна, како и дека бил почитуван принципот на тајност при гласањето. За тоа што изборот на Управниот одбор на АКРМ траеше речиси десет часа и што заврши доцна во ноќта меѓу саботата и неделата вели дека е поради сложената процедура на гласање на претставниците на адвокатските заедници.

 

Дел од познатите адвокати, кои се спомнуваа како можни кандидати за челната позиција во АКРМ, воопшто не се појавија на изборното собрание во Струга. Меѓу присутните делегати и гости ги немаше адвокатите Александар Тортевски и Ѕвонко Давидовиќ, додека Наташа Трпеновска-Тренчевска, која се сметаше исто така за еден од фаворитите, не успеа да го помине ниту првиот филтер, односно не влезе ниту во Управниот одбор на Комората.
Давидовиќ вели дека не бил во Струга затоа што не одобрува таков начин на избор на раководни органи на АКРМ кога, како што наведува, изборното собрание се третира како гласачка машинерија.

– Во принцип, јас не поддржувам ваков начин на избор на раководството на Комората. Не може 250 делегати да одлучуваат во име на 4.000 адвокати. Изборот на раководството на Комората треба да оди преку конкурс и врз основа на програма за работа што ќе ја приложат кандидатите. Тоа ќе биде моја заложба во наредниот период, во насока на реформирање на начинот на избор на раководството на АКРМ, со цел вклученост на што повеќе колеги“, вели Давидовиќ.

Михајловски, пак, вели дека негов приоритет во наредните четири години ќе биде подигање на квалитетот на адвокатурата и на капацитетите на Комората.

„Мојата цел е да се создадат услови за доедукација на адвокатите, за економско зајакнување на Комората, за создавање подобри просторни и технички услови за работа. Исто така, ќе се заложам за поголемо учество на адвокатите во донесувањето на законите бидејќи сметам дека многу наши колеги може да придонесат со своето искуство за подобрување на регулативите. Потребно е да се зајакне и меѓународната соработка во областа на адвокатурата“, вели Михајловски.

Речиси една и пол деценија, Михајловски како адвокат покрива главно случаи од областа на кривичното право, а неговото име посебно се спомнуваше како бранител на Љубе Бошкоски во случајот „Кампања“ и како еден од бранителите во „Ликвидација“. Претходно, безмалку две децении помина во МВР, од каде што, наводно, потекнува и неговиот прекар Џанго, поради неговиот судир со криминалот и криминалците.

Досегашниот претседател на АКРМ, Никола Додевски, пак, до летото минатата година беше носител на одбраната на повеќето високи функционери на претходната владејачка постава во случаите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Но, тој се повлече од овие случаи откако беше повикан како сведок за еден од предметите што произлегоа од „бомбите“ на некогашната опозиција. Во периодот од околу две години пред да се повлече од одбраната за случаите што ги отвори СЈО, Додевски, наводно, наплатил повеќе од 100 илјади евра, не од сметките на осомничените и обвинетите, туку од касата на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, во изминатите години името на Додевски се јавуваше како правен застапник на неколку големи државни компании.

Александра М. Митевска