Двете Беси против интерпелација, Авировиќ оди во власта?
Многу понеизвесен од гласањето за доверба на Владата, кое ќе се случи вечерва во Собранието, ќе биде исходот од кревањето рака „за“ и „против“ работата на Заев во редовите на опозицијата. Барањето за интерпелација, која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе без потписи од сите пратеници, предизвика сомнежи за евентуално неединство во коалицијата „За подобра Македонија“. Само 41 пратеник од вкупно 48, колку што останаа спроти власта откако тројца го сменија тимот, дополнително добиваат на значење ако се знае дека меѓу „апстинетите“ се и тројцата членови на Социјалистичката партија на Македонија, за кои веќе подолго време се шушка дека ќе станат дел од коалицијата на СДСМ и на ДУИ.
„Можеме да зборуваме единствено во наше име: на барањето се потпишани сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со исклучок на тројцата што се во куќен притвор поради настаните од 27 април, а кои не сакавме да ги вознемируваме имајќи предвид дека и без нив го имаме потребниот број. Како ќе постапат нашите коалициски партнери, вклучително и СПМ, е нивна работа, но очекуваме секој пратеник без оглед на чија партија е член да постапи совесно и да гласа против погубните политики на Владата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“.
Се шпекулира дека Владанка Авировиќ наскоро би можела да стане дел од владејачкото мнозинство, додека Стојанче Миланов и Љупчо Димовски, кој исто така беше притворен по ланските инциденти во Собранието, би останале со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Авировиќ, која важеше за истакнат бранител на политиките на поранешната влада на чело со Никола Груевски, вчера не се јавуваше на мобилниот телефон. Претходно, за медиумите изјави дека не се потпишала на барањето за интерпелација поради повреда на коленото, тврдејќи дека нема промена во курсот на СПМ. Нејзиниот син Василије е обвинет во случајот „Труст“ со Сеад Кочан, кој го води специјалното јавно обвинителство.
Извесно е дека гласањето недоверба на владата на Зоран Заев не поминува кај ниту една од партиите со албански предзнак. Покрај логичното „против“ од интегративците на Али Ахмети, и двете крила на Беса, кои располагаат со вкупно пет пратеници во Собранието, признаваат оти нема да го подржат ВМРО-ДПМНЕ. Тие и не кријат дека би седнале на фотелјите во „Илинденска“ и покрај спротивставените гледишта со ДУИ.
„Сѐ додека ВМРО-ДПМНЕ не го смени начинот на размислување, нема да играме според нивните правила. Барањето за интерпелација е дел од агендата на ВМРО-ДПМНЕ и ние не можеме да гласаме во нивна корист кога и натаму користат антиалбанска реторика. Конкретно, нашите пратеници нема активно да учествуваат во денешната расправа во парламентот“, ни рекоа од тетовското крило на Билал Касами.
Слично размислуваат и во скопското крило предводено од Африм Гаши. Оттаму велат дека централниот комитет веќе донел одлука да не подржуваат иницијатива на партија која сѐ уште води политичка агенда против албанскиот јазик и интересот на Албанците во Македонија.
„Но, од друга страна, ова не значи дека безрезервно и без задршка ја подржуваме Владата и тоа што го направија изминативе десет месеци“, заклучуваат од „другата“ Беса.
За евентуално изгласување недоверба на Владата се потребни минимум 61 глас. Иако во ВМРО-ДПМНЕ неофицијално признаваат дека поднесената интерпелација беше со цел да се најде причина за враќање на нивната пратеничка група во работата на Собранието, за да се направи попис на силите во парламентот, но и во еднодневната расправа пред целата јавност да се разобличат погрешните политики и нереализирани ветувања на СДСМ и на ДУИ, во јавните настапи и натаму се тврди оти има шанси Владата да падне. Координаторот на пратеничката група, Драган Данев, и вчера апелираше до сите пратеници на денешното гласање пред себе да го стават интересот на сите граѓаните на Македонија, а не партиските и личните интереси.
„Ако се водат од тие интереси, убеден сум дека ќе имаме над 61 глас“, рече Данев.
Координаторот на владејачката СДСМ, Томислав Тунтев, пак, изјави дека ако ова е големата врата за враќање во Собранието, тогаш навистина се разочарани.
„Барањето е сосема легитимно и нам ни отвора простор да ги реафирмираме сите позитивни политики на оваа Влада во последните 10 месеци, а ќе ја потсетиме опозицијата на криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите десет години“, рече Тунтев.
Денешната седница е закажана за 11 часот, расправата ќе трае цел ден, а пред полноќ ќе се оди на гласање. Во случај да се изгласа недоверба на Владата, таа е должна да поднесе оставка, во спротивно, во следните 90 дена не може да се покренува повторно прашање за доверба во кабинетот на „Илинденска“.
Со ставањето на дневен ред на интерпелацијата против Владата прекинува опозицискиот бојкот на парламентот кој почна пред повеќе од четири месеци поради приведувањата за настаните на 27 април 2017 година, кога им беше одземен и имунитетот на шестмина пратеници од коалицијата „За подобра Македонија“.
Горан Адамовски