Горан Рафајловски: Не верувам во германски камшикари

Како од развојна станавме депресивна економија, објаснува Горан Рафајловски, стопанственик и повеќе години на раководни коморски функции. Тој вели дека на Македонија ѝ се неопходни план за економски развој, реформа во образованието, неколку милијарди евра странски кредити и придвижување на градежништвото, кое никогаш веќе не смее да запре.

Што покажува пресекот на македонската економија во моменти на исчекување на исходот од референдумот?
-Јас сум на онаа страна која навива референдумот да биде успешен и да ја почнеме евроинтеграцијата поради фактот што големината на нашата земја не дозволува да бидеме издвоена економија, ниту сме самоодржувачка економија која може да опстане без трговијата со другите. Од првиот ден Владата е фрлена на преговорите, добрососедските односи и враќањето на евроатлантскиот пат, а економската програма комплетно потфрли, од повеќе аспекти. Прво, речиси една година беа стопирани капиталните инвестиции, градењето на автопатиштата, со цел да се увиди дали се направени договори кои се против Република Македонија и кои понатаму можат да бидат предмет на кривична истрага. Но, нема ништо пострашно во економијата кога ќе ја застанете одеднаш и таа ќе нема замаец од каде да повлече и да работи. Има стара арапска изрека, според која кога ќе земете веќе омажена жена, не може да ѝ ги бирате децата, туку мора да ги чувате, без разлика дали ви се допаѓаат или не. Затоа е многу страшно што секоја влада сака да почне од почеток, што секоја политичка партија смета дека сонцето изгрева поради тоа што тие дошле на власт и дека денот почнува од нивното добро утро. Уште пред осум години, како претседател на Градската стопанска комора и потпретседател на Стопанската комора на Македонија, доставивме барање до тогашната Влада да се изработи долгорочен план за економски развој на државата, кој ќе биде прифатен од Собранието и ќе биде обврска за сите влади и во рамките на тој план, ќе кажуваат што се подготвени да остварат и во кој правец може да ја развиваат економијата за време на мандатот. Ова уште не е направено.
Пресекот на економијата покажува дека по три години исклучителна криза, од првиот момент кога СДСМ излезе од Собрание, а ВМРО-ДПМНЕ веќе немаше сила да го задржи автократското владеење поради притисокот на меѓународната заедница, но немаше ни доблест да се повлече, ја доведе Македонија во страшен економски ќор-сокак, па од развојна економија станавме депресивна економија во која единствените светли точки беа автопатиштата што се градеа. Новата власт, наместо да ги продолжи единствените светли точки и истовремено да ги расчистува тендерите, сопирајќи го градежништвото, направи исклучителен одлив на работници, кои заминаа во Германија, Белорусија, Естонија, Летонија.
Нема пострашен момент отколку кога Германија ќе каже дека ѝ се потребни 10.000 занаетчии и дека со задоволство би ги примила од државите членки, но и од аспирантите за ЕУ. Тоа значи масовен одлив на занаетчии, на и онака тенкото работно тело во државава и последиците, кои веќе ни се случуваат во изминативе 15 години, ќе ја чинат Македонија многу. Дали има можност да се поправи? Има, со реформи во средното и високото образование. Да се вратат назад струки кои сме ги заборавиле и да се вратиме на науката којашто како да не постои. Тажен е бројот на запишани математичари, физичари, хемичари, на технолошките науки, а без нив ниту има стопанство ниту има напредок. Како што е тажен бројот на занаетчии и занаетчиски средни училишта кои ќе ги научат нашите луѓе да работат и ќе го смениме ставот дека е срамота некој да нема високо образование, затоа што ако е добар занаетчија во моментов заработува многу повеќе од извонреден економист. Во градежните компании, добрите мајстори се плаќаат и по 1.000 евра месечно, а економист, освен ако не е директор, таа плата не може да ја добие. Потоа ќе треба да им се објасни на младите дека средното образование е многу значајно и дека од тоа може сериозно добро да живеат, да си создадат семејство и да имаат извесна иднина во Македонија и дека не треба да бегаат надвор за да дојдат до подобро утре.
Да останат во земја со партизирана администрација, со тендер економија, во која државна помош добиваат фирми со неколкунеделен стаж, со регулатива по мерка на доносител?
-За партизираната администрација има решение, како што има решение за целата економија. Прво, за шест месеци треба да се направи план и програма за развој, во која ќе има и план и програма каде ќе оди образованието. Двете заедно ќе ја направат иднината на Македонија. Второто сериозно решение е, како држава, да земеме кредити во Светска банка, ЕБРД, од најмалку три милијарди евра и со дел од заложување на нашите девизни резерви, да се овозможат кредити од домашните банки со ниска камата, само за техничките трошоци на банката, бидејќи и тие се приватни компании кои може да се сведат на 0,75 отсто до 1 отсто, плус еурибор. И во таа ситуација, да не се даваат никому грантови туку стопанството да има пристап до 5-8 милијарди евра, и домашните компании и странските инвеститори.

Бизнисот има претставник на висока позиција во Владата, зашто требаше политиката да учи од деловната заедница. А како резултат добивме налутена Комора поради аферите што постојано се во фокусот на јавноста. Нешто се измести или таков е само впечатокот?
-Ништо не е изместено. Кога ќе дадете свој претставник, верувате во него. Грешка е на Комората ако ѝ пречат аферите, поради тоа што веројатно требало да испита какво му е потеклото на претставникот, каков е бизнисот што го води и има ли афери кои веќе го следат. Тоа е грешка на Комората, на која ѝ припаѓам и јас и можам да сносам и дел од одговорноста. Јас не го избрав, така што мојот дел е помал. Но, од друга страна, не гледам пречка оваа практика да продолжи и понатаму, а претставникот да биде избран од сите комори. Во оваа ситуација не беше така. Јас не сметам дека е лошо тоа што бизнис заедницата има свој претставник во Владата, но од него не треба да се очекуваат чуда, освен ако премиерот не му дозволи да ги контролира министерствата за економија, за труд и социјална политика, за транспорт и врски и за финансии, па тогаш може да каже дали работи доволно. Кога тие министерства ќе дејствуваат како едно тело, тогаш ќе може да му диктираат на образованието што е потребно да направи за да се промени системот, тогаш ќе можеме да зборуваме за мојот план за големо позајмување и за распределба на кредити со ниска камата и со долгорочен период на отплата, од 10 до 20 години, за напредок на економијата, како и да се ослободиме од прекумерна администрација. Во моментов потпретседател на влада е само именуван функционер, не е ресор. Тогаш ќе можеме да дискутираме за намалување на администрацијата. Мој предлог е од позајмените пари, кои можеме да ги земеме како држава и ќе ни ги дадат без проблем, да се одвојат 800 милиони евра, со кои 30-40.000 луѓе во администрацијата би добиле три годишни плати и би ја напуштиле државната служба. Верувам дека тие луѓе доброволно ќе се најдат. Некој ќе побара друга работа, а некој ќе почувствува претприемачки дух и ќе почне сопствен бизнис, бидејќи и државата ќе му овозможи кредит со ниска стапка. Ако платата е 400 евра, тоа се 15.000 евра кои може да му бидат старт. Така бргу ќе ја ослободиме Македонија од огромната дупка во придонесите, бидејќи администрацијата ги плаќа придонесите, ама тие одат од буџет во буџет и се минус во пензискиот фонд. Со ова ќе бидат задоволни и европските партнери и можеби за тие пари ќе добиеме и грант од ЕУ или бесплатно ќе ни подарат една милијарда за да направиме вистинска реформа во администрацијата и таа да биде по мерка на 1,5 милион луѓе, колку што се наоѓаме во Македонија.

Има ли вакви светски искуства?
-Франција ова го прави на секои 15-20 години и знае да отпушти цела администрација и потоа да го прими она што ѝ е потребно, без да им дава тригодишна плата. Вакво нешто се спроведе во сите европски држави во растење, кои беа влезени во ЕУ.

На секоја политичка гарнитура ѝ се овозможува да внесе нови илјадници партиски војници, што ќе ѝ гарантира сигурни следни избори?
-Ова мора да биде законско решение а не измислица на некоја влада. Кога со закон ќе се ограничи бројката на администрацијата, на ниту една наредна гарнитура нема да ѝ се дозволи раст на административците, освен ако не отвора нови институции кои ѝ се потребни на државата. Но, за ова решение се потребни исклучителна храброст и добра волја.
Референдумот стана оправдување за сите најавени, а некои не ни почнати проекти. Се одложи прогресивното оданочување. Пензиските реформи никој не знае до каде се, а за борбата со сивата економија донесовме закони. Што по постреферендумското отрезнување?
-Прогресивното оданочување е шминка за гласачкото тело, затоа што со него добивате толку малку пари вишок во касата, што освен потег на ниво на шминка, дека сме социјалдемократска партија, не гледам сериозно оправдување.

„Не ни треба даночна реформа?
-Потребна ни е реформа за применување на веќе постојните закони. Тоа се вика стопирање на сивата економија. Реформа како да го собереме сето она што компаниите не го плаќаат ниту пак физичките лица, при остварување на средства, а неплаќањето данок е рамно на работење против државата. Поради тоа што ние што го плаќаме данокот сериозно овозможуваме да се оствари пензија, а за неа немаме доволно пари и надополнуваме од буџетот, овозможуваме да се градат патишта, инфраструктура, а и ние што го плаќаме данокот и тие што не го плаќаат одат по истите улици и ја користат истата инфраструктура. Потребно е комплетно поврзување на сите институции, Пазарна инспекција, УЈП, Царина. Тогаш ќе им се овозможи на компаниите да не плаќаат двапати ДДВ. Зашто сега вие на Царина задолжително плаќате ДДВ и тогаш кога државата треба да ви направи поврат. Не се дозволува такво пребивање. Ова би значело олеснување на стопанствениците, а и поголем притисок – нема да ве прашуваат кога купувате дали сакате со фискална или без.
А кај пензиите?
-Тоа е сериозно прашање, но во овој момент треба само да се сипаат пари во Фондот. Не верувам дека можеме да спроведеме реформа во пензискиот систем, затоа што и онака ни се мали пензиите. Што се однесува до продолжување на работниот стаж, тоа веќе оди секаде во светот. Во Германија се пензионира со 67, односно 65 години. Тоа ќе биде неминовно и кај нас. Дали ќе дојде за година или две, сметајте го тоа како загарантирано. Како што се зголемува стареењето на населението, така мора да се зголемува и работниот век.
Премиерот рече дека ни треба камшикар од ЕУ за да нè потсреди. Најавени се управувачки комитет и советник на Меркел во Владата на Заев. Ова е мек протекторат или ставање во петта брзина на македонската економија?
-Ни едното ни другото. Камшикарот од Германија да беше толку успешен немаше во Грција да му се случува да дава пари за езеро кое не постои и кое е 50 години исушено. Затоа јас во такви камшикари не верувам. Ја разбирам добрата волја на Германија да нè среди, но потребни се камшикари од Македонија и ги има. Тоа се вечните опоменувачи на Владата кога греши и тоа не го прават заради политички аспирации, туку затоа што сакаат да тргнеме напред и тоа не во петта брзина, ами во втора, зашто откако е создадена Македонија, ние возиме во прва.
Добивме и бројчаник за вратени украдени пари. Колкав износ очекувате да покаже и кога?
-Дај боже да се вратат парите што се украдени, но поголемо дај боже e повеќе да не се крадат пари како што се крадеа. И да не сврти бројчаникот не е трагедија, или да сврти на ситните пари што се вратија. Утре да не се краде. Да им се објасни на луѓето, што не е едноставен процес, дека ако го платат данокот, државата ќе ја направи инфраструктурата, тоа ќе повлече инвеститори и од земјата и од странство, можност да бидат претприемачи, или вработени, подобро утре. Тоа е долга едукација и треба да е секојдневна. Треба да имаме кампања „плаќајте го данокот за да имаме држава“.
Еден од начините за поголема даночна контрола е промена на поставеноста на УЈП. Контролата да се префрли по градовите и регионите. Собраните пари да одат во општините, а оттаму во Буџетот. Така општините колку пари ќе имаат толку ќе инвестираат и Македонија нема да биде задолжена да инвестира во општините, туку само до општините – главни патишта и слично. Од 80 и кусур општини ќе се вратиме на триесет и нешто, колку што се самоодржливи или ќе функционираат како заеднички тела. И уште, ДДВ-то мора да отиде уште најмалку 3-4 проценти погоре, а дел од тие средства ќе им се вратат на вработените со владин времен закон, со кој ќе ги натераат стопанствениците да ги зголемат платите меѓу три и пет отсто. Така, тоа што ќе го загубите со зголемувањето на данокот за две-три години, ќе го стасате. Но, ќе зголемите јавна потрошувачка и со тоа ќе се зголеми обртот на компаниите.