Гонзалез: Не сум задоволен од играта


Вардар со победа и со нов рекорд го заврши основниот дел од регионалната СЕХА лига. Но, по натпреварот против Нексе на кој „црвено-црните“ славеа со 29:25, тренерот на Вардар, Раул Гонзалез, изрази незадоволство од играта.

– Во првото полувреме не игравме добро, по одморот одигравме малку подобро, доволно колку за победа. Сега останува да се одмориме и добро да се подготвиме за фајнл-фор турнирот, кој се игра во Скопје, истакна Гонзалез.

И Игор Карачиќ по натпреварот наведе дека по полошиот прв дел уследило консолидирање за историската победа во СЕХА.

– Нексе беше одлично подготвен, а ние влеговме малку лошо во првиот дел, но во вториот дел притиснавме. Со помош на некои играчи кои беа распожени дојдовме до победа со која влеговме во историјата на СЕХА. Сега останува да се одмориме, а потоа да се подготвуваме за Ф4 во СЕХА и за Лигата на шампионите, нагласи Карачиќ.

Вардарци ја забележаа 17 победа и станаа единствениот тим во регионалното натпреварување кој успеал да дојде до едно вакво остварување.

Досегашниот рекорд беше сопственост на унгарски Веспрем со 16 победи и две ремија.

За Вардар во регионалното натпреварување следен предизвик е фајнл-форот во СЕХА лигата, кој се игра од 13-15 април во Скопје.