Ледена кралица: Елена Рибакина го покори Њујорк и светскиот тенис

Казахстанката покажа ментална цвстина и феноменален тенис во финалето на УС Опен победувајќи ја Арина Сабаленка со 6-4, 5-7, 6-2


Елена Рибакина со трофејот по победата над Арина Сабаленка (Фото: Ројтерс)

 

Дури и откако освои гренд-слем титули и триумфираше на сите подлоги, Елена Рибакина секогаш беше сметана за инфериорна во однос на најголемите тенисерки на нејзината ера. Таа долго време важеше за една од тенисерките со најразорен удар во светот, но секогаш пред неа имаше неколку играчки кои беа поконстантни и ментално поцврсти.

Таа конечно го напушта Њујорк како неприкосновена најдобра тенисерка на планетата и нов предводник на женскиот тенис, откако по преземањето на првото место на ранг-листата од Арина Сабаленка, ја наследи и како шампионка на УС Опен. Како што правеше во текот на оваа незаборавна недела, тенисерката од Казахстан ја покажа својата цврстина во уште еден спектакуларен дуел со својата голема ривалка, смирено и без трема остварувајќи победа од 6-4, 5-7, 6-2 над Сабаленка – првата носителка и двократна бранителка на титулата.

Пред финалето, Рибакина не секогаш го прикажуваше својот најдобар тенис во Њујорк, но изминатите две недели претставуваат врв на нејзината ментална подготвеност во кариерата. Таа мораше да надмине повреда на Ахиловата тетива, поради која паузираше една недела пред турнирот и поради која не беше сигурна дали воопшто ќе настапи. Тука беше и огромниот притисок од обидот да се искачи на првото место на светската ранг-листа. Потоа, во втората недела од турнирот, ја чекаа четири последователни противнички кои претходно освоиле гренд-слем или олимписко злато. Таа ги надмина сите пречки без поголеми проблеми.

Предизвиците со кои се соочи во текот на изминатите две недели ѝ ја всадија самодовербата да одигра толку смирен меч против својата најголема ривалка и да го заокружи турнирот. Во ова финале, 27-годишната тенисерка го започна мечот со сервис – најважниот удар во нејзиниот арсенал – кој воопшто не функционираше, но сепак ја покажа разновидноста на својата игра, целосно доминирајќи над Сабаленка во размената на удари од основната линија. Кога Белорусинката успеа да се врати во мечот и да избори одлучувачки сет, Рибакина остана непоколеблива. Таа го сочува најдобриот сервис за најважниот дел од мечот, брзо и сигурно освојувајќи ги своите сервис-гемови на почетокот на третиот сет и вршејќи притисок врз Сабаленка да го следи тоа темпо. Сабаленка, како и многу други тенисерки во текот на изминатата година, едноставно не успеа во тоа. Рибакина стана позната и омилена поради нејзините воздржани реакции на вакви огромни успеси, но по извикот на радост по победата во полуфиналето над Коко Гоф, овде таа триумфално ги крена двете раце во воздух откако го сервираше својот 12-ти ас на мечот, со што ја запечати победата. Тоа значеше сè. „Сè уште е тешко да се сфати што се случи“, рече таа. „Премногу успеси во овие неколку недели. Пресреќна сум и многу горда на целата работа. Да, едноставно е неверојатно. Тешко е да се најдат зборови, но пресреќна сум“.

Арина Сабаленка не го криеше разочарувањето (Фото: Ројтерс)

Покрај тоа што ѝ го презеде првото место на ранг-листата на Сабаленка, Рибакина сега го има и статусот на најдобра тенисерка во светот на тврда подлога. Таа сега ги поседува трите најголеми титули на тврда подлога: Австралија опен, Ју-Ес опен и ВТА финалето. Таа им се придружува на имиња како Линдзи Девенпорт, Џенифер Капријати, Еш Барти, Анжелик Кербер и Вирџинија Вејд како трикратна гренд-слем шампионка. Откако претходно победи на Вимблдон во 2022 година и на Австралија опен, на Рибакина сега ѝ недостасува само титулата од Ролан Гарос за да го комплетира „кариерниот гренд-слем“.

Патот на Сабаленка до финалето беше импресивен подвиг, со оглед на тоа колку катастрофални беа нејзините претходни неколку месеци на турнејата, но по овој пораз немаше утеха за неа. Иако покажа спортски дух во сите интеракции со Рибакина, вклучително и иницирањето топла прегратка на мрежата, Сабаленка го фрли рекетот, а потоа се сруши на столчето во својата ложа покрај теренот. Кога еден снимател ѝ пријде, брзо му беше кажано да „се губи“.

Сабаленка стигна до осум последователни финалиња на Грен слем турнири на тврда подлога – неверојатно достигнување – но секоја тенисерка на нејзино место би била разочарана од бројот на титули што успеала да ги освои од тие позиции. Сабаленка сега има учинок од 4-6 во Грен слем финалињата и едноставно не успеваше да го прикаже својот најдобар тенис кога тоа беше најважно. Најболно од сè е што ја пропушти можноста за трета последователна титула на УС Опен: „Навистина е тешко да се контролираат емоциите кога губите во финале на Грен слем, а сте се обидувале да дојдете до трета титула по ред“, изјави Сабаленка за своите емоции на теренот. „Затоа сакав да си дадам оддишка, бидејќи ако ги задржев емоциите во себе – било да е тоа во тој момент или некаде на теренот – немаше да можам да изустам ни збор, или пак ќе реагирав на начин што не би бил баш пријатен. Сакав едноставно да ја исфрлам сета таа агресија и разочарување“.

Ова беше историски дуел. Откако Австралија Опен стана турнир на тврда подлога во 1988 година, ова е само вторпат истите две тенисерки да се соочат во две финалиња во истата година. Исто така, ова е третпат најдобрите две тенисерки во светот да играат во Грен слем финале во кое доаѓа до промена на лидерската позиција на ранг-листата. Сепак, без оглед на подлогата или влогот, овие две шампионки меѓусебно се поттикнуваат да прикажат тенис на високо ниво. Секое од нивните три големи финалиња донесе драматични и квалитетни мечеви во три сета.

Сепак, долго време Сабаленка беше очигледно подобрата тенисерка во ова ривалство, иако Рибакина можеше да ја победи во секој момент. Оваа година односот на силите навистина се промени, бидејќи Рибакина ги доби нивните последни две Гренд слем финалиња, а ја победи Сабаленка и во мечот за титулата на завршниот турнир на ВТА. Сега е ред на Сабаленка да се врати на тренинзите и да најде начин како да ја совлада новата лидерка во својот спорт. Подоцна, додека зборуваше за крајот на своето владеење на првото место, Сабаленка беше информирана дека нејзиниот престој на врвот на ВТА-листата траел 99 недели по ред – што претставува шести најдолг непрекинат период на првото место во историјата. „Па, тоа е неверојатно. Да видиме дали Елена може да ме надмине во тоа“, рече таа низ смеа. Потоа додаде: „Ако продолжи да игра така? Тогаш, да, во неволја сум“.