Вработена во обвинителство му праќала документи на сопругот адвокат
Вработена во гевгелиското јавно обвинителство преку „Вибер“ му испраќала документи од обвинителството кои биле службена тајна на својот сопруг адвокат кои му требале за предметите што ги води.
Таа работела во казнено-правното одделение на ова обвинителство како помлад јавнообвинителски соработник за казнено право. Документите ги праќала во периодот од средината на 2017 година до 23 мај, кога полицијата ѝ го зела компјутерот и го открила криминалот.
Осомничената му праќала на адвокатот кривични пријави, службени белешки и други документи изработени од организациски единици на Министерството за внатрешни работи, записници, спогодби и други документи изработени од Основното јавно обвинителство во Гевгелија, службени документи издадени од Основниот суд во Гевгелија, како и документи од други јавни установи, кои директно или индиректно биле поврзани со предметите за кои овој адвокат се јавувал како ополномоштен бранител.
Со оглед на тоа што се работи за постапка против лице вработено во Основното јавно обвинителство Гевгелија, ова обвинителство по комплетирање на предметот достави барање за преземање на надлежноста до Вишото јавно обвинителство Скопје кое треба предметот да го распореди за натамошно постапување во друго обвинителство.