Владата ги објави условите за трансплантации во приватни клиники
Почна постапката за доделување лиценци за трансплантација на органи кои би требало да се вршат во приватните клиники во Македонија, со цел пациентите да не одат во странство да им се пресадат органи доколку тоа може да се направи тука. Владата вчера во „Службен весник“ ги објави одлуките за доделување по три лиценци за пет органи: бубрези, бели дробови, срце, панкреас и крвотворни матични клетки.
Според условите, лиценците за трансплантации ќе важат пет години. Ќе им се доделат на тие што ќе понудат највисок месечен износ за надомест за лиценцата, во период од шест месеци по денот кога е објавен јавниот повик.
Притоа, приватната здравствена установа што ќе добие лиценца треба да исполни одредени услови. Имено, таа ќе биде задолжена за време на трансплантација да повика и да обучува и доктори од јавно здравство кои исто така работат на трансплантации во државните клиники, при што не смее да ги вработи. Ќе треба да ангажира и странци со искуство во областа.
„Приватната здравствена установа на која ќе ѝ се додели лиценцата може да ангажира стручни лица од странство од реномирани универзитети и клиники, кои имаат соодветен сертификат за завршена обука или образование од областа на трансплантација и кои имаат искуство кое ќе го докажат со оперативен каталог со извршени трансплантации. Ангажираните стручни лица ќе учествуваат во постапките од областа на трансплантацијата за која е доделена лиценцата и ќе вршат едукација, обука и практичен тренинг на останатите лица вклучени во постапките од областа на трансплантација.
Според одлуката, ќе се доделуваат по три лиценци за трансплантација за секој од наведените органи, за возрасни и за деца. На една здравствена установа може да ѝ биде доделена само една лиценца. Освен за граѓани на Македонија, оваа услуга ќе може да ја користат и странци, но само ако платат приватно и само од живи донори.
Приватните болници допрва треба да се изјаснат дали тие трансплантации можат да ги прават кај нив. Досега, единствено д-р Жан Митрев објави дека бара дозвола за трансплантации во „Жан Митрев клиник“.
Министерот за здравство Венко Филипче пред околу една недела појасни како ќе оди постапката.
„Пациентот, кога ќе добие конзилијарно мислење од тројца наши доктори дека му е неопходна трансплантација во странство, прво ќе треба да се обрати во нашите приватни клиники. Ако тие можат да ја направат трансплантацијата овде, пациентот ќе се лекува кај нив. Притоа, условот е приватните клиники да обезбедат услови за трансплантација, да имаат странска експертиза, а истовремено и наш тим да се обучува со нив. Целта ни е да се намалат трошоците за трансплантации во странство доколку истите можат да се прават кај нас, а притоа да се оспособат и нашите доктори“, рече тогаш Филипче.
(С.С.З)