Виенскиот новогодишен концерт прослави 80-ти роденден


Австрија– Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија вчера го прослави својот 80-ти роденден.

Првото издание на овој сега светски музички настан се одржало на 31 декември 1939 година под диригентска палка на Клеменс Краус. По вториот концерт одржан во 1941 година, официјален датум станал 1 јануари.

Шеесет години поминаа од првото телевизиско емитување на овој музички спектакл, кое било на 1 јануари 1959 година под диригентска палка на Вили Босковски.

Иако традиционално Виенскиот новогодишен концерт се поврзува со музиката на семејството Штраус, сепак во неговата програма не се застапени само делата на Јохан, Јозеф и Едвард Штраус. Во една од најпрестижните светски концертни сали „Музикферајн“, која е дом на Виенската филхармонија, на сцената украсена со цвеќиња, се изведуваат музички дела од Јозеф Ланер, Емил Валдтојфел, Карл Михаел Цирер, Јозеф Хелмесбергер, Јозеф Хајдн, Волфганг Амадеус Моцарт, како и Рихард Вагнер. Секој од диригентите се избира со гласање меѓу музичарите од оркестарот. Оваа година таа чест му припадна на германскиот диригент Кристијан Тилеман, кој е еден меѓу најбараните диригенти во светот.

Познатиот валцер „На убавиот син Дунав“ и „Маршот Радецки“ се двете композиции со кои традиционално завршува секој новогодишен концерт на Виенската филхармонија.

Оваа година се прослави уште еден јубилеј, а тоа е 150 години од основањето виенската Штатсопера. Во чест на оваа извонредна годишнина, во периодот меѓу двата дела на концертот, каде по традиција веќе 27 години се прикажуваат специјално подготвени филмови, телевизиските гледачи  погледнаа 24-минутно музичко патување зад сцената на Виенската државна опера.

Виенскиот новогодишен концерт го следеа над 50 милиони гледачи и радио слушатели.