(ВИДЕО) Случај Кембриџ Аналитика: Податоци од Фејсбук злоупотребени за изборни резултати

Британската телевизија Канал 4 откри дека компанијата Кембриџ Аналитика влијаела врз изборни резултати низ целиот свет, преку користење на податоците од Фејсбук.

Првите луѓе на оваа компанија се снимени како раскажуваат дека користеле мито, поранешни шпиони, лажни документи и проститутки од Украина. Компанијата која себе си си ја припишува победата на Трамп, според еден од директорите, Александер Никс, се служела со секакви трикови за да ги стави политичарите во непријатна состојба и да делува за победа на своите клиенти .

Никс раскажува како на еден противкандидат во неговата куќа му донеле убави девојки од Украина и дека таа работа многу добро функционира.

Во друг случај нуделе огромни износи пари, а потоа целиот разговор го снимале и со тоа го уценувале противкандидатот, објавувајќи ја снимката на интернет. Кембриџ аналитикс е компанија која делува во Британија, а регистрирана е во САД.

Подмитувањето и уцената и во двете земји е кривично дело. Директорот Никс, заедно со уште други двајца директори им раскажале на новинарите дека нивната компанија работела на над 200 избори ширум светот како оние во Нигерија, Кенија, Чешка и Аргентина.

Исто така биле вклучени и во кампањата за Брегзит. Откако телевизијата Канал4 ја објави сторијата со снимките на директорите, се огласија од Кембриџ аналитикс од каде демантираат дека користеле мито, уцени или проститутки на било кој начин. Тие велат дека манипулирани се снимките кои пренесуваат груби изјави извадени од контекст.