Весели: Јас одлучувам дали некој министер од ПДК ќе биде разрешен


Лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) Кадри Весели, по денешната средба со неколку министри и членови на партиското Претседателество, изјави дека одлуките за разрешување на министри од редовите на ПДК ја донесува партијата и тој лично, а не одредени личности.

Весели истакна дека денешната средба не била седница на Претседателството на ПДК, туку „само состанок со колегите“.

За Абељард Тахири, за кого вчера беше објавено дека понуди оставка од челното место во Министерството за правда, лидерот на ПДК и претседател на Собранието на Косово рече дека е еден од најхрабрите министри во владиниот кабинет.

– Се сретнав со Абељард Тахири. Тој е еден од министрите кои завршиле многу храбри работи и нема ниту една коруптивна афера. Одлуката ќе биде моја, на ПДК и на ниту една друга личност, изјави Весели.

Тахири, претходно, на излегување од кабинетот на Весели, изјави дека се уште не знае дали ќе остане министер и дека одлуката ќе ја соопшти подоцна попладнево.

Тој одби да одговори на прашањето дали од него е побарана оставка затоа што го придружувал претседателот Хашим Тачи на неделната посета на езерото Газивода, на границата меѓу Косово и Србија. Поради таа ненајавена и ненадејна посета на Тачи, српскиот претседател Александар Вучиќ нареди подигнување на готовноста на Војската на Србија.

Порталот „Газета Експрес“ вчера објави дека, со повлекувањето на Тахири, Весели започнува „чистка“ во Владата од луѓе од неговата партија блиски на Тачи и дека ќе смени уште двајца, од вкупно шестмина министри кои ПДК ги има во Владата на Рамуш Харадинај.

Хашим Тачи е основач на ПДК и беше нејзин претседател до февруари 2016 година, кога беше избран за претседател на Косово. Се смета дека се уште има силно влијание во партијата.