Булеварот „Борис Трајковски“ зема жртви, се бараат мерки за несовесните возачи
Булеварот „Борис Трајковски“ е една од најфреквентните, но и најнебезбедни сообраќајници во Скопје. За пет месеци полицијата регистрирала 57 сообраќајни несреќи од кои во три имало смртни последици, три со тешки телесни повреди, 35 сообраќајки биле со телесни повреди, а во 16 биле евидентирани само материјална штета. Неприспособената брзина е една од главните причини за сообраќајките, а жителите од овој дел на градот наведуваат дека брзо се вози и е опасно за возење и за движење пеш, но проблем се и трките што особено во топлите денови се случуваат во ноќните часови.
Пред десетина дена на пет минути по полноќ на булеварот кај општината, патничко моторно возило „Мерцедес“ со штипски регистарски ознаки управувао од засега непознато лице, удрило во металната конструкција од автобуската постојка, како и во две метални канделабра, по што од ударот возилото се превртело, а по незгодата возачот го напуштил местото на несреќата.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот, а жители од околината наведуваат дека се движел со многу голема брзина.
Од Министерството за внатрешни работи наведуваат дека најчести причини за случените сообраќајни незгоди на оваа сообраќајница се неприспособена брзина на движење на условите на патот, неправилно престигнување, потоа возење под дејство на алкохол, неотстапување првенство на минување, како и поминувње на затворен светлосен сигнал, односно црвено светло.
Според наодите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, булеварот „Борис Трајковски“ е еден од клучните и најфреквентни булевари во Скопје, но истовремено претставува и една од најнебезбедните сообраќајни артерии на градот.
– Многу често токму на овој булевар се случуваат сообраќајни незгоди со тешки или фатални последици. Главната причина за ваквата состојба е неодговорното учество во сообраќајот и непочитувањето на сообраќајните правила и прописи од страна на учесниците во сообраќајот. Најголем број од собраќајните незгоди со тешки и фатални последици на булеварот „Борис Трајковски“ се случуваат во вечерните часови кога има помал интензитет на сообраќај и кога се достигнуваат брзини што се многу поголеми од дозволените. Исто така, значаен дел од сообраќајните незгоди на булеварот „ Борис Трајковски“ се случуваат во период од денот кога има најголем сообраќаен метеж, а причина за оваа појава е повторно човечкиот фактор т.е. неправилно пристигнување, недржење безбедно растојание, недавање првенство на минување…,“ истакнуваат од РСБСП.
И жителите од овој дел од градот наведуваат дека улицата, откако е проширена, е многу опасна и како возач на некое превозно средство, но и како пешак.
– Многу брзо се вози. Од споредните улици не можеме да се вклучиме во сообраќај. Особено брзо се вози од правец од Драчево кон центарот на Скопје, вели жител на скопска Кисела Вода.
Жителка од „11 Октомври“ посочува на проблем на непочитување на сообраќајните знаци и семафорите.
-Многу често се случува да поминат на црвено оние што се движат по булеварот, па да ве удрат додека се вклучувате од споредна улица, посочува таа.
Друга повозрасна жена која ги носи децата на училиште, а треба да го преминат булеварот, посочува дека не можат да ги пуштат сами да одат на училиште бидејќи автомобилите многу брзо возат и е многу опасно мали деца да поминуваат сами улица.
– Иако има семафори возачите не почитуваат и поминуваат и на црвено, вели повозрасната жена.
Булеварот „Борис Трајковски“, поранешна „Првомјаска“ се прошируваше во неколку фази и од 2012 година до сега во четири коловозни ленти, е проширен од Рампа до Пинтија.
Градоначалникот на општина Кисела Вода Филип Темелковски вели дека ваков проблем со сообраќајот на улицата немало да има доколку се реализирала првичната идеја со изградба на неколку кружни текови.
– Тоа не е булевар по ниту еден стандард, тоа е проширена улица. Така што моментално тоа е еден за мене од најголемите промашувања во Градот Скопје за што се потрошени многу пари. Моментално има неколку улици каде има мини индустриски зони кои за жал до пред некое време не може да се приклучат кон центар. Нема семафори, нема предвидено како и каде да се приклучат, така што сообраќајното решение е огромен проблем. Тоа можело многу полесно да се реши со два кружни тека каде многу полесно ќе било и за камионите и за сите учесници во сообраќајот. Статистички со кружните текови се намалува и брзината на движењето, така што доколку се останело на таа идеја ќе било многу подобро, вели градоначалникот Темелковски.
Посочува дека бараат од полицијата да преземе мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот на оваа улица на што, како што рече, добиле одговор дека бројот на вработени во сообраќајниот сектор за територија на општина Кисела Вода и Аеродром е многу мал и оти не може целосно да се покрие.
– Ние постојано бараме на булеварот „Борис Трајковски“ особено на новиот дел, пред Пинтија, каде премногу брзо се вози, но за жал доаѓаат, не доаѓаат, истакнува Темелковски.
Од Министерството за внатрешни работи истакнуваат дека Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи – Скопје континуирано презема мерки согласно законските одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата по однос на сообраќајните прекршоци што се основни причини што доведуваат до сообраќајни несреќи.
РСБСП повикува на будење на свеста за внимателно и одговорно учество во сообраќајот и секако будење на свеста за сериозноста за последиците од неодговорното учество во сообраќајот, но укажува и на потребата за почести и посилни сообраќајни контроли не само на „Борис Трајковски“, туку и на сите останати патни делници во Скопје и во Република Македонија.
– Кога свеста и совеста затајуваат, односно таму каде што затајува личната одговорност, неопходно е да се дејствува и со репресивни мерки – санкции, а се со цел заштита на животот и здравјето на учесниците во сообраќајот“, потенцираат од РСБПС
Според нив за долгорочно подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата на територијата на Град Скопје, покрај наведените мерки, неопходно е Град Скопје во соработка со МВР, да направи прецизна анализа на местата каде најчесто се случуваат сообраќајни незгоди, да се анализираат сообраќајните незгоди од аспект на причини, учесници , последици, време и услови под кои се случени и на тој начин да се извлечат заклучоци каде и како да се дејствува од страна на МВР и каде и како да се унапреди сообраќајната инфраструктура, како долж булеварот „Борис Трајковски“ така и на ниво на Град Скопје.
„Научен и пред се широк мултисекторски пристап кон решавање на проблемите во патниот сообраќај е неопходен за ефикасно подобрување на безбедноста на патниот сообраќај на подолг рок“, наведуваат од РСБПС.
(МИА)