Босанец си ја бара ветената награда за информација за серискиот убиец, државата не му ја дава

Садмир Тариќ, вработен со „Сараево патишта“ кој работи на одржување на автопатот, тврди дека врз основа на неговата информација полицијата го најде и го застрела серискиот убиец Един Гациќ и сега си ја бара ветената награда од 50.000 КМ или околу 25.000 евра.
Владата на кантонот Сараево вчера објави дека за информација која ќе доведе до апсење или ликвидација на Гациќ распишува награда од 50.000 КМ.
Тариќ појаснува дека во неделата, при обавување на работните должности на автопатот на Коридорот Сараево -Тарчин, го здогледал Гациќ како клечи покрај дрво и веднаш се јавил во полиција.
„Да не повикав полиција, ќе убиеше уште некој. Го видовме како клечи покрај дрво и повикавме полиција. Со мене беше и колегата Амир Каровиќ. Имаме доказ, има видеонадзор од „Автопатишта“. Мојот колега го виде исто така.  Кусо потоа, полицијата го опколи, што се гледа на снимката“, вели Тариќ за „Аваз“.
Тврди дека утрово во полицијата на Кантонот Сараево не сакале да го сослушаат и се сомнева дека тука нешто се работи зад грб. Вели дека почнале да го распрашуваат од кој телефон ѕвонел во полиција, на кој полицаец му се јавил, а вели дека има листа на повици и може да се провери.
Гациќ деновиве уби двајца, од кои еден полицаец, а лежел во затвор за убиство на еден маж и на својата мајка од 1998 година.