Мрежата на жените на Косово побара фемицидот да се вклучи во Кривичниот законик


Мрежата на жените на Косово (МЖК) денеска на средбата со претседателката на Собранието на Косово, Албулена Хаџиу, побара фемицидот и насилството извршени преку технологија да се вклучат во Кривичниот законик, во рамките на листата препораки до институциите за спречување на насилството и убиствата врз жени.

Мрежата препорача измена на Кривичниот законик со цел вклучување на фемицидот и насилството извршено преку технологија, како и зајакнување на механизмите за заштита и постапување во случаи на насилство.

Исто така, препорача и обезбедување доволен буџет за социјалните работници и специјализираните служби за заштита и решавање на случаите на родово засновано насилство.

Според соопштението, на средбата беше истакната и важноста од поддршката за организациите за правата на жените, како и нивното вклучување во процесите на донесување одлуки.

Пред неколку дена, МЖК испрати писма до 120 пратеници, премиерот и министрите, со препораки за кои наведе дека се засновани на истражувања и стручно знаење.

Повод за ова барање, меѓу другото, е и неодамнешното убиство на Арлинда Зекај, која во неделата навечер ја усмрти деверот.