Би-Би-Си: Скрипал барал дозвола од Путин за да се врати во Русија

Поранешниот двоен, британско-руски шпиун Сергеј Скрипал, кој беше отруен во Солсбери, пред неколку години упател барање до рускиот претседател Владимир Путин да му биде дозволено да се врати во Русија, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на Владимир Тимошков, соученик на Скрипал. Кремљ ги демантира таквите тврдења.

Тимошков тврди дека телефонски разговарал со Скрипал во 2012 година, кога поранешниот разузнавач, осуден во Русија за шпионажа во корист на Лондон, веќе живеел во Велика Британија. Скрипал му рекол дека испратил писмо до Путин барајќи прошка.

– Му пишал на Владимир Владимирович Путин да биде помилуван и да добие дозвола за враќање во Русија, бидејќи таму се неговите мајка, брат и други роднини, вели Тимошков и додава дека Скрипал жалел за улогата на „двоен агент”.

На 4 март поранешниот полковник во руската Главна разузнавачка агенција (ГРУ) Сергеј Скрипал, кој живее во Велика Британија по размената на шпиони со Русија, и неговата ќерка Јулија беа отруени во Солсбери со нервен агенс. Сергеј и Јулија Скрипал се уште се во болница во тешка здравствена состојба.

Британските власти велат дека оваа супстанца е развиена во Русија и ја обвини Москва дека е инволвирана во инцидентот. Руските власти категорично негираа и посочија дека ниту Советскиот Сојуз ниту Русија немаа програми за развивање на таква супстанција.

Лондон протера 23 руски дипломати и најави други антируски мерки, по што Москва презеде одмазднички чекори и протера од Руската Федерација соодветен број вработени во британската амбасада, нареди да се затвори генералниот конзулат на Велика Британија во Санкт Петербург и да биде запрена работата на Британскиот совет во Русија , потсетува ТАСС.

Весникот „Тајмс“ денеска објави дека САД и 20 европски земји се подготвуваат да ги протераат руските дипломати поврзани со руските разузнавачки мрежи. Координираната акција, без преседан, се очекува да почне в понеделник.

Советот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп синоќа препорачал протерување од САД на руски дипломати, чиј број се уште не е прецизиран, како одговор на нападот во Солсбери против поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Се очекува Трамп да ја донесе конечната одлука следната недела.

Во кампањата ќе се вклучат Франција, Германија, Полска, Ирска, Холандија, Естонија, Летонија, Литванија, Бугарија, Чешка, Данска и уште девет други земји, наведува „Тајмс”.

– Ние сме решени да дејствуваме заедно, изјави синоќа германската канцеларка Ангела Меркел.