Бешлиев: Нема најави за какви било контрамерки од руска страна по нашето евентуално членство во ЕУ

Македонските извозници не треба да очекуваат никакви пречки за пласман на рускиот пазар од политички причини, туку исклучиво од аспект на конкурентност, вели во интервју за МИА директорот на Македонско-руската комора, Дејан Бешлиев.

Бешлиев зборува за референдумот, напредокот на земјава кон евроатлантското интегрирање, имплементирањето на стандардите… правејќи паралела со пазарот во Руската Федерација и неговото значење за македонската економија.

Колку на македонското стопанство му е потребен позитивен исход од претстојниот референдум на 30 септември?

Ако најголемиот обем од размената на македонското стопанство и посебно на извозот се случува на теренот на Европската Унија и притоа најголемите и најзначајните трговските партнери на македонските компании доаѓаат од ова подрачје, природно е пошироката бизнис- заедница да очекува позитивен исход, со цел зголемување на своите активности на европскиот пазар.

Не би сакал да ги повторувам евентуалните бенефиции што се очекуваат од можното членство во клубот на најпросперитетните и најбогатите земји, а кои претходно ги изнесоа и други претставници од бизнис-заедницата од земјава.

Но, во оваа пригода би сакал да потенцирам еден значаен аспект. Македонско-руската стопанска комора смета дека процесот на напредување кон евроатлантското интегрирање ќе донесе современи вештини и повисок степен на образование на менаџерскиот кадар, кој во иднина ќе претставува носител на извозните активности на компаниите кон европските пазари, и во таа насока и на рускиот пазар. Ова го велам, пред се, поради фактот дека рускиот пазар се повеќе станува пазар на кој доминираат квалитетот и добрата ценовна политика. Приспособувањето кон европските норми и стандарди едновремено значи и усовршување на сопствените можности пред рускиот пазар. Ова е особено значајно ако се знае дека и во моментов нормите и стандардите во РФ се на ниво на европските, а во одредени сегменти се дури и повисоки.

Дали евентуално успешен референдум и влез во НАТО и во ЕУ (перспективно) може да поттикне некакви „контрамерки“ од руска страна?

Македонско-руската стопанска комора во овој момент ниту има најава ниту, пак, од оваа перспектива во иднина очекува какви било мерки од страна на Руската Федерација.

Сметаме дека е многу интересно да се погледне примерот на Словенија, која како членка на ЕУ и на НАТО, сепак, благодарение на континуираните билатерални контакти, успеа да изгради своја патека за соработка со Руската Федерација.

Деновиве се вративме со група од дваесетина деловни луѓе кои беа учесници на саемската манифестација „Мир Питание/World food 2018“ во Москва. На овој најголем саем за овошје и зеленчук и прехранбени производи во Русија и воопшто во Југоисточна Европа се сретнаа со своите руски колеги. Разговорите поминаа во срдечна атмосфера, а контактите покажаа дека не само што руските увозници се заинтересирани за македонските производи туку нивните барања се зголемени. Рускиот пазар и потрошувачите одамна го имаат детектирано квалитетот на нашите земјоделски производи и оттаму е таквиот зајакнат интерес за нивно купување.

Но, клучното прашање е до која цена се подготвени руските компании да платат за неспорниот квалитет на нашите праски, рана зелка, јаболка, домати… Рускиот пазар е буквално нападнат од голем број производители од сите страни на светот, конкуренцијата е безмилосна и на тоа македонските производители во иднина ќе мора да посветат поголемо внимание. Пречките за поголемо присуство на овој пазар најмалку во иднина може да се очекува да бидат политички, туку само конкурентски.

Каква е засега размената, кои македонски производи доминираат на рускиот пазар, а кои се бараат?

Вкупната размена со Руската Федерација лани заврши со нешто над 200 милиони американски долари, бројка што очекуваме да се повтори и годинава. Притоа македонскиот извоз беше околу 54 милиони долари. Е сега, ако оваа бројка се спореди со македонската размена со ЕУ и нејзините членки, тогаш е мала.

Но, многу е важно што македонскиот извоз во Руската Федерација е од исклучителна важност за македонското земјоделство.

Речиси 80 проценти од македонскиот извоз на овој пазар се однесуваат на македонските земјоделски производи или дури една третина од земјоделските пазарни вишоци од земјава наоѓаат руски купувачи.

Затоа е многу значајно Македонија да ги зачува позициите на овој пазар, на што напорно работиме. Јавноста сама се увери што се случува меѓу македонските земјоделци кога ќе изостане пласманот, како на пример на раната зелка пролетва или на праската подоцна.

Ваш кус коментар околу пречката за пласман на праските летово?

Непримерно е при секој проблем во пласманот на рускиот пазар веднаш да се бараат политички причини. Последните пратки на праски во Русија им беа вратени не само на нашите извозници туку и на извозниците од Србија и од Турција, зашто беше откриено дека се заразени со болест.

Што последно извезе Македонија во Русија и во колкава количина?

Со оглед дека се наоѓаме на крајот од летниот период, најголемиот извоз во Руската Федерација е свежо овошје и зеленчук. Покрај тоа, на овој пазар Македонија извезува и тутун, фармацевтски производи, млечни производи, вино… Најмногу од Руската Федерација се увезуваат енергенси. Поради тоа Македонија има голем трговски дефицит во размената со Руската Федерација.

Потребно е македонските компании значајно да го зголемуваат извозот во оваа земја за да дојде до негово урамнотежување.

Секако, во тој правец се прават и напори. Со Кластерот за текстил се обидуваме да однесеме претставници на текстилни компании на некоја од саемските манифестации и да го отвориме патот за воспоставување соработка со руски текстилни увозници и производители. Слични се и идеите за компаниите од информатичко-компјутерската технологија.

Со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот почнавме разговори за посета на поголема група руски туроператори за да најдеме можност за поголемо присуство на руски туристи во земјава, што во овој момент е многу мало. Да се надеваме дека сите овие иницијативи ќе финишираат со конкретни резултати.(МИА)