Балетот „Рајмонда“ во Македонската опера и балет
Македонската опера и балет вечер ќе го изведе балетот во два чина „Рајмонда“ од Александар Глазунов, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина.
Во главните улоги ќе настапат првенците Марија Кичевска-Шокаровска и Васил Чичијашвили од Грузија, гостинот од Италија, Давиде Буфоне, и Наташа Јосифовска. Ќе настапи целиот балетски ансамбл и оркестарот на МОБ. Диригент е Едуард Амбарцумјан од Русија.
Костимите и сценографијата се изработени во ателјето на МОБ под менторство на Гана Ипатиева и Андреј Злобин од Украина.
Либретото за балетот „Рајмонда“ е базирано на типичната драматургија која го обележува времето на романтизмот кога доминираат теми за јунаштвото, благородништвото, љубовта, достоинството и честа. Светската премиера на балетот била во Маринскиот театар во Санкт Петербург во 1898 година.
Фото: Б. Грданоски