Аплаузите за Заев
Наум Котевски
Македонија успеа да ја разгали Европа. Во време на тектонски промени на европските политички плочи, на кои популизмот и екстремната десница добиваат на значење, премиерот Зоран Заев, со својот говор во Европскиот парламент, предизвика неколкуминутен аплауз од присутните парламентарци.
Во страшното секојдневно етницизирање на сите теми, па и на вака важна тема како што е евроинтегративниот процес, очекувано беше медиумите, па и самиот Заев, да нагласат дека тоа е прво обраќање на еден премиер во ЕП на македонски јазик, како што за некого беше исклучително важно што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на митинг во Пласница конечно проговорел на македонски.
Но тоа, секако, не го предизвика аплаузот. Туку „полиглотските“ пораки на Заев за интеграција, толеранција, стабилност, мир, почит кон различностите, стремежот кон компромиси наспроти конфликт, кои добија на силина поради општиот европски контекст – порастот на национализмот, ксенофобијата и евроскептицизмот како закана за европската архитектура.
За разлика од политичките промени во Европа, на кои радикалната десница добива на значење, Македонија дефинитивно покажува голема зрелост и сака да тргне на вистинскиот евроинтегративен пат – со промоција на отворено општество и почитување на личните права и слободи.
Во тој правец на своевидна национална еманципација, оваа сега владејачка гарнитура тргна многу пред договорот со Грција, уште кога беше во опозиција, со тотално отклонување од национализмот и рушењето на табуата во однос на меѓуетничките релации и проблеми, во чија егзистенција до неодамна учествуваа на свој начин и социјалдемократите. Тогаш почна да се вбризгува во државното ткиво футуристичкиот етос, наместо патриотскиот патос.
На Заев во Европскиот парламент му ракоплескаше и баварскиот демохристијанин Манфред Вебер, претседателот на клубот на парламентарците од ЕПП, каде што членува и ВМРО-ДПМНЕ, кој прв најави кандидатура за претседател на идната Европска комисија. Тоа е потег кој е само дел од веќе препознатливиот бран во европската политика, особено внатре кај европските демохристијански партии за намалување на јазот меѓу земјите – особено меѓу западноевропските и средноевропските членки, за што концептуална подлога дал тинк-тенкот на ЕПП со документ „Ново европејство“.
Дел од политичките водачи на демохристијанските партии деновиве дојдоа и во Скопје порачувајќи јасно дека Македонија не смее да ја пропушти историската шанса што ѝ ја овозможува успешниот референдум, со кој ќе се реализираат стратешките цели. На иста линија беше и високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, која од Стразбур во Скопје допатува со Заев со ист авион. Најдиректни пораки, без дипломатски ракавици, упати помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел, во кои им порача на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека мора да бидат јасни и да ги повикаат граѓаните да излезат на гласање.
Арно ама, Мицкоски негативната состојба на духот не го напушта така лесно. Повторно по средбите со светските политичари, демагошки му се обрати на народот терајќи го и натаму во неподнослива параноја. Заседнат во седлото на лажниот триумфализам, Мицкоски ќе рече дека „македонскиот народ никогаш не бил камшикуван“, па тоа немало да му се дозволи и на Заев, за да поентира со пораката „вие сте горди, вие сте достоинствени што живеете тука“. И на крајот не го заборави најважното: „Не секирајте се, тука е ВМРО-ДПМНЕ“.
Реториката на лидерот на најголемата опозициска партија неодоливо потсетува на онаа на екслидерот Никола Груевски (кој во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ уживаше меѓународна поддршка знаеше да каже дека еврокомесарот Штефан Филе дошол во Скопје за да брише под со Бранко Црвенковски), а таа е строго наменета за егзалтација на партиските маси.
Македонија, без оглед на политичкото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, е насочена кон проблемите од епохална важност. Со огромен товар врз себе, таа станува држава од акција. Како никогаш досега, таа не била во центарот на вниманието на Европа и светот и тоа за една работа која сама ја заврши, се разбира, со помош на пријателите. Но јасно е дека за навистина да се прославиме како европска држава, ќе мора да се прекине со политиката на едно евро повеќе, па и мандат помалку. Тоа го призна и Заев, кога рече дека камшикот на меѓународната заедница треба да почне од него.