Антонио Тајани ги крена на нозе Словенија и Хрватска

Говорот на претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани во близината на Трст предизвика вистинска експлозија на гнев во Хрватска и Словенија, откако тој отворено најави историски ревизионизам околу настаните на крајот на Втората светска војна. Тајани и италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини во неделата говореа на настанот во Басовица, во близина на границата со Словенија, близу местото каде што многу луѓе биле убиени од страна на југословенските партизани на Тито. Жртвите често биле фрлени живи во длабоки карстни јами познати како „foibe“.

Словенија ги обвини Тајани и Салвини за историски ревизионизам поради на церемонијата по повод одбележувањето на италијанските жртви на масакрите од Втората светска војна.

Салвини направи директна споредба меѓу „децата што умреа во Аушвиц и децата што умреа во Басовица“. „Нема маченици од прва или од втора класа“, рече тој.

 

„Јас сум длабоко загрижен од недозволивите изјави на високи италијански официјални претставници што сугерираат дека убиствата foibe претставуваат етничко чистење“, напиша словенечкиот претседател Борут Пахор во писмо испратено до неговиот италијански колега Серџо Матарела.

„Тоа е историски ревизионизам без преседан. Фашизмот беше факт и неговата цел беше уништување на словенечкиот народ“, рече словенечкиот премиер Марјан Шарец во твит во понеделникот.

Тајани изјави: „Илјадници невини жртви биле убиени затоа што се Италијанци… од страна на војници со црвена петокрака на главите“. Тој го заврши својот говор со зборовите „Да живее италијанската Истра, да живее италијанска Далмација“, осврнувајќи се на она што беа италијански територии меѓу двете светски војни, а кои денес се дел од Словенија и Хрватска.

За време на седницата на Европскиот парламент во понеделникот во Стразбур, Тајани се обиде да ги омекне своите зборови и рече: „Жал ми е ако значењето на моите зборови беше погрешно интерпретирано. Не ми беше намера да навредам никого“.

Тој објасни дека неговото упатување на „италијанската“ Истра и Далмација „во никој случај не е територијална аспирација“.

„Тоа се однесува на далматинските бегалци кои зборуваат италијански, нивните деца и внуци, од кои многумина беа присутни на церемонијата“, продолжи тој.

А потоа додаде: „Не смееме да дозволиме во Венецуела, каде што живеат голем број Италијанци и луѓе со италијански имиња, да се повтори страшната комунистичка диктатура како таа на Тито и мора да се спречи повторување на трагедијата како на овие простори“.

Тања Фајон, словенечки пратеник во Европскиот парламент, во понеделникот испрати писмо до Тајани: „Драг претседателе, длабоко жалам што како претседател на Европскиот парламент не успеавте да ги земете предвид сите страни на историјата. Ми се чини дека за време на комеморацијата историските факти беа сериозно поедноставени за да служат на идејата за италијанска ‘патриотска’ обнова“, наведува словенечката пратеничка од групата социјалисти. Фајон во писмото потсетува дека историјата не започнува во 1945 година и дека италијанските фашисти го окупирале овој регион по Првата светска војна и дека следбениците на Мусолини „брутално го италијанизирале“.

Масакрите одамна се извор на расправии меѓу Италија и Словенија. Двете земји не се согласуваат со вкупниот број жртви на убиствата, а бројките одат од стотици до повеќе од 10.000.

Сеќавањето на убиствата беше контроверзно во Италија. Во децениите по војната, Италија се обидуваше да ја сврти страната на својата фашистичка историја и злосторствата извршени од страна на сопствените сили во Југославија, а масакрите во јамите во голема мера беа одбележувани само од екстремната десница. Во 2004 година десничарската влада на премиерот Силвио Берлускони започна национален ден на сеќавање за масакрите.

Зборовите на Антонио Тајани за далматинска Истра и Далмација предизвикаа ист гнев во Хрватска.

Пратеникот на Истарскиот демократски сојуз во Европскиот парламент Иван Јаковчиќ ја осуди неговата „непромислена изјава“. „Таа изјава е сосем несоодветна за претседател на ЕП. Ќе побарам објаснување од Тајани, кој учествуваше во изборната кампања на премиерот на владата на Андреј Пленковиќ кога заедно ја посетија Истра и Риека“.

Тајани вчера на хрватските новинари во Европскиот парламент во Стразбур им изјави: „Како што реков вчера за време на пленарната седница, целта на моите зборови во Басовица е испраќање порака за мир и доказ дека Европа благодарение на Италијанците, Словенците и Хрватите може да живее во мир заедно, без граници и бариери, да не размислува за тоа што беше во минатото“, рече Тајани.

„Некој моите зборови ги протолкува како обид за територијални претензии – тоа апсолутно не беше мојата намера. Јас само се присетував бидејќи сум Италијанец, толку многу мртви останаа надвор од мојата земја по Втората светска војна“, рече Тајани истакнувајќи дека не мислел да ги навреди ниту Хрватите, ниту Словенците, ниту кој било.

Тајани додаде дека жртвите не биле само од италијански, туку и словенечки и хрватски.

„Жал ми е. Немав никаква намера, жал ми е што некој ја протолкува мојата изјава како непријателска. Сите што ме познаваат добро го знаат мојот став, јас бев толку многу пати и во Хрватска и во Словенија, италијанската малцинство во овие области мора да соработува со хрватските власти и да ги почитуваат нивните ингеренции“, рече тој.

Тајани изјави дека она што го рекол на пленарната седница го повторил и во разговорот со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

По прилично несмасното извинување, Тајани најави дека е подготвен да го посети поранешниот нацистички фашистички логор Рисиера ди Сан Саба во Трст, во кој се убиени илјадници Словенци, Хрвати, Евреи и италијански антифашисти во последните две години на Втората светска војна. Рисиера ди Сан Саба, поранешен индустриски објект за чување и чистење ориз, во 1943 година беше претворен во концентрационен логор. Таму во 1944 година беше изграден крематориумот во кој беа запален пет илјади затвореници, а илјадници други беа испраќани до други логори во Полска и Германија. Жртвите во логорот во Трст беа претежно Словенци, Хрватите, италијански антифашисти и Евреи.

Низ логорот, кој го управуваа германските нацисти, но стражари беа главно италијански фашисти, поминаа околу 20 илјади луѓе. Италијанската држава во 1965 година Рисиера го претвори во музеј, каде што посетителите можат да се запознаат со ужасите на фашизмот и нацизмот и страдањата на затворениците пред да бидат убиени и запалени. (Н.В.)