„Алкалоид“ со раст на извозот, нето добивката, инвестициите и 144 нови вработувања

„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – септември 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

Според единечниот Биланс на успех, соопштија од компанијата, во периодот јануари – септември, продажбите достигнуваат 5.517.737.841 денари, што е за седум отсто повеќе споредено со истиот период минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.070.876.587 денари, бележи зголемување од околу девет отсто, единечната нето добивка изнесува 611.467.420 денари и е зголемена за осум отсто.

Во периодот јануари – септември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 7.216.850.652 денари, што е за девет отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за четири отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 37 отсто се остварени на домашен пазар, додека 63 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени шест отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 отсто и на останатите пазари се остварени два отсто од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Унгарија со продажби од 103.199.347 денари што е 4,3 пати повеќе од лани, потоа во Полска со продажби од 37.782.977 денари што претставува зголемување од 3,5 пати и Украина со продажби од 125.214.639 денари што претставува зголемување од 2,2 пати споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Чешка раст од 149 отсто, САД раст од 86 отсто, Грузија, раст од 27 отсто, Србија раст од 25 отсто, Романија раст од 22 отсто, Косово раст од 21 отсто итн.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 84 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21 отсто, кардиолошките препарати со 17 отсто, антибиотиците со 14 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 16 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со три отсто, козметика со 10 отсто и билкарство учествува со три отсто.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 1.094.886.703 денари бележи раст од седум отсто, додека нето консолидираната добивка во износ од 587.392.889 денари е зголемена за шест отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2018 година изнесуваат 873.482.122 денари што е претставува зголемување за 69 отсто во однос на истиот период од 2017 година.

Во периодот јануари – септември 2018 година во Алкалоид се реализирани 144 нови вработувања во Република Македонија.