Алијансата за Албанците не се враќа во Владата


Алијансата за Албанците не се враќа во Владата, најавија од партијата на Зијадин Села, по седницата на Централното собрание што се одржа во Кичево.

Од партијата велат дека на ниту еден начин нема да бидат дел од некоја нова владина гарнитура, на која нема да и претходи парламентарен изборен процес.

– Оваа едногласна одлука на Алијансата се заснова на индикациите дека оваа владејачка гарнитура не е доволно убедлива во својата заложба за радикални реформи во земјата, а особено нејзината индиферентност околу спроведувањето и примената на принципите и функционирањето на владеењето на правото, велат од партијата.

На Централното собрание е донесен и заклучок дека Алијансата за Албанците ги поддржува напорите и ги охрабрува меѓународниот фактор и македонската Влада да го решат проблемот со името, но потсетува дека било кој предлог за името треба да биде меѓународно преведен и никако не треба да асоцира еднострано – само на јазикот и писмото на една одредена етничка заедница во земјата.

Најавата на партијата на Села за останување во опозиција доаќа во период кога премиерот Зоран Заев е во разговори со други партии околу проширување на парламентарното мнозинство, при што Алијансдата за Албанците беше повторно во игра за влез во владејачката коалиција.

Села замина од Владата неколку месеци по локалните избори, со образложение дека не сака да го препушти на СДСМ министерското место во финансии. Алијансата сега брои двајца пратеници.