Ќе се избира директор на ОТА – агенцијата која ќе прислушува
На првата наредна седница, на 21 април, Собранието треба да донесе одлука за распишување јавен оглас за избор на директор на ОТА – новата агенција која ќе ја координира работата на разузнавачките служби во земјава и нивната техничка поврзаност со операторите.
Проценките се дека изборот на директор нема да оди лесно со оглед на деликатноста на работата на ОТА, чие формирање е дел од реформите што ги презема Владата, согласно препораките од Извештајот на Прибе, каде што имаше крупни забелешки за поставеноста и функционирањето на разузнавачкиот сектор во земјава.
Законот за ОТА се донесе во координација со опозицијата, која сега ќе треба повторно да асистира за обезбедување двотретинско мнозинство за изборот на директор на агенцијата, за што е потребно и Бадинтерово мнозинство и тоа од вкупниот број пратеници од помалите етнички заедници.
Предлогот за распишување оглас за избор на директор на ОТА е поднесен од координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и од пратеничката на ДПА Мерел Узеири Ферати.
За директор може да конкурираат државјани на Македонија, кои имаат завршено високо образовани од областа на правните или економските науки, информатика, електро и компјутерска техника, телекомуникациско инжинерство, безбедност и кои имаат најмалку десетгодишно работно искуство во некоја од овие сфери. мандатот на директорот ќе треа пет години, без право на реизбор.
Законот за формирање на ОТА беше донесен на 12 април и со него е предвидено дека оваа агенција се основа како самостоен и независен државен орган кој обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и oвластените органи. OTA дејствува како посреднички орган кој воспоставува технички премин помеѓу операторот и овластените органи, без можности за активирање или спроведување на снимањето на следените комуникации. ОТА не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација. Техничката поврзаност се обезбедува исклучиво врз основа на судска наредба заради спроведување на следењето на комуникациите во согласност со Законот за следење на комуникациите. ОТА активира и создава технички услови за следење на комуникации за кривични истраги и за заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата.