Јовановски: Мисијата е комплетирана


Тренерот на Работнички, Ѓоре Јовановски е задоволен од остварување на целта на неговите избраници, а тоа е обезбеден пласман во Лигата на Европа.

– Работевме напорно, честитки за фудбалерите кои издржаа огромен притисок и вложија големи напори, но сега со задоволство можеме да кажеме дека мисијата е комплетирана. Целта на клубот беше да обезбеди повторно учество во европските купови и среќни сме што успеавме да го реализираме тој план. Морам да кажам дека тимот одигра феноменално оваа пролет, надоместивме двоцифрена бодовна разлика и на крајот завршивме на посакуваната трета позиција, изјави Јовановски за клупскиот сајт.

Фудбалерите на Работнички веќе добија заслужен одмор, а стручниот штаб од утре ќе продолжи со работа со фудбалерите од младинскиот погон.

– Фудбалерите се на одмор до 10 јуни. И тоа со јасна порака, да не размислуваат воопшто за фудбал, туку убаво да се одморат, затоа што вложија натчовечки напори во изминатиот период. Во меѓувреме, стручниот штаб ќе работи со младинците, сакаме да видиме со каков потенцијал располагаме, а секако ќе има и нови засилувања во овој летен преоден рок, соопшти тренерот Јовановски.