Јагода Пачемска: Чекам храбра Македонка што ќе носи тоалета од свежо цвеќе


Велешанката Јагода Пачемска е единствената Македонка цветен моден креатор. За нејзините дела, на писта, во студио и на коњски трки, долго се зборува по модните настани. Зашто само таа преку цвеќето на женската облека ѝ дава нова содржина.

Работевте со цветни аранжмани во вашето студио „Фа-Бу“. Како дојдовте до идејата да креирате цветни модни креации?

– Водена од моите силни чувства и желбата да создавам несекојдневни нешта, со вербата во мојата креативна способност, јас започнав да се занимавам и со дизајн на цветни модни креации.

Колку години работите со овие цветни модни креации?

– Првата моја креација ја изработив пред 7 години и ја изложив на куклата во моето студио „Фа-Бу“. Набргу добив нарачка за во бутик…Така следуваа уште неколку. Со секоја следна изработка посакував моите креации да ги гледам во движење, односно на живи модели.

Дали има посебна техника во изработка на цветни креации?

– Во изработка на секоја креација користам различна техника. Од самата креација зависи и начинот на прикачување на цвеќето, неговиот спој и, најбитното, носливоста во текот на промовирањето затоа што ги изработувам исклучиво од свежо цвеќе.

Дали изработените модели се уникати, како невестинските фустани?

– Можеби ќе звучам нескромно, но дефинитивно би рекла и поуникатни, од причина што венчаницата, ако некој посака, може повторно да ја облече, а додека мојата креација нема втора можност, неповторлива е. Повеќето од жените имаат фустан, парче облека, кој го платиле скапо, а го облекле само еднаш во животот, повторно не. Го набавиле за некоја посебна пригода. И стои така дома, неискористен. Затоа не можам да го разберам ставот дека сакаат да носат фустан од цвеќе за некоја пригода, но се жалат дека рокот на користење е краток и дека нема да биде искористен. А колку работи дома имаат неискористени?

Дали изборот на цвеќиња е исто така важен?

– Секако дека е важен, секое цвеќе си има временски рок на траење (без вода)… Го одбирам според времетраењето на самиот настан. Ги изработувам за 15-16 часа, кај мене не се работи со денови.

 

Дали освен на модни случувања сте имале барање од клиент и за приватна пригода да направите креација од цвеќе?

– Од типот на модни додатоци, како чевли, накит, чанти… да, а како парче облека, за жал, уште не. Многу изразиле желба и посакале да се најдат во една таква цветна креација, но сè уште не се охрабриле. Веќе имам договорено две креации во кои ќе се појават две наши познати личности, во улога на водителки на еден јавен настан, кој треба да се одржи во ноември.

Дали во светот постојат креатори од ваков вид?

– Да, секако дека постојат. Јас лично повеќепати имам добивано покана (од организатори на такви настани) за учество, каде што секој цветен дизајнер се претставува со своја креација, но во моментов сè уште не сум настапила… но се надевам дека во иднина и тоа ќе се случи.

Од каде ги црпите идеите за цветни креации?

– Секогаш кога ќе видам парче облека, дали е тоа на ревија или небитно каде, и ќе ми се допадне, во моите очи веќе го гледам преработено, дизајнирано со цвеќе.

Која креација ве направи позната?

– Од самото мое појавување во пошироката јавност, мислам на моето прво учество на Моден викенд во Скопје во 2015 година, со воодушевување и неверување бев прифатена од јавноста. Имав кратко време за изработка, но беше премногу успешно. Изработив пет модели. Изработката беше од кербер, ружи, орхидеи, каранфили, антуриум, стрелиции, многу цветови поврзани со жица. Се сеќавам кога утрото ми се јави Света Богова-Јовановска, организаторката на Модниот викенд, и ми вели: „Јагода, браво, супер, сите се во шок“ и драго ми е што секое мое појавување е прикажано како освежување на секој настан на кој учествувам.

Која ви беше најтешка за изработка?

– Никогаш не сум почувствувала тежина во изработката на некоја од моите креации. Вистински уживам додека ги изработувам. Тогаш сум исполнета. Едноставно се препуштам на својата имагинација. Поради свежината на цвеќето, ги изработувам пред самиот настан. Можам само да кажам која ми одзела повеќе време, а тоа е зависно од нејзината големина.

Имате ли некоја неостварена креација?

– Да, неколку. Но сè во свое време. Иако сум Близнак во хороскоп, понекогаш знам да бидам многу стрплива личност.

Што е со модните додатоци од цвеќе?

– Со самото завршување на настанот (за кој се наменети) завршува и нивниот публицитет. Тоа е улогата на свежото цвеќе. Да го оживее моментот.

Кој ви е омилен домашен или странски моден креатор?

– Од домашните креатори имав можност да запознаам и да проследам многу, и од таа причина не би издвоила никого. Ја почитувам нивната креативна способност и максимална професионалност. Од странските, дефинитивно Долче и Габана. Врв…

Дали подготвувате ново модно изненадување наскоро?

– Моментално сум фокусирана на секојдневните активности во моето арт-студио. Но тоа не значи дека и мојата креативност мирува. Постојано ми доаѓаат идеи. Така што тоа може да биде и наскоро. (Л.С.)