Шекеринска: Компаниите да достават забелешки за набавката на возила и машини


Повеќе македонски компании денеска преку технички дијалог имаа можност да дадат забелешки за најавената јавна набавка на Министерството за одбрана за неборбени моторни возила и на инжeнериски машини за потребите на министерството.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска по средбата истакна дека компаниите биле запознаени за јавната набавка која, како што рече, ќе го зголеми капацитетот на министерството и Армијата и до крајот на месецот, економските оператори, што ќе учествуваат на тендерот, ќе имаат можност да ги дадат своите забелешки.
-Техничкиот дијалог не го водиме про форма и ги охрабривме компаниите ако имаат забелешки да ги достават, бидејќи навистина ќе бидат земени в предвид. Сакаме да обезбедиме чесна, транспарентна и многу конкурентна постапка која ќе им даде шанса на најдобрите да победат, а Министерството за одбрана да ја добие подобрата опрема по подобри цени, појасни Шекеринска.
Средбата позитивно беше оценета и од Стопанската комора на Македонија во однос на, како што истакнаа, задоволување на задолжителната обврска за консултација пред спроведување на јавна набавка.
Директорката во Стопанската комора на Македонија Билјана Пеева-Ѓуриќ појасни дека преку овој технички дијалог компаниите ќе можат да дадат забелешки каде конкретно и детално ќе се прецизира што треба да се потготви во документацијата за спроведување на квалитетна набавка.
-Нашата идеа е на ваков начин што поголем број на економски оператори да пројават интерес и да учествуваат во овие тендери на Министерството за одбрана, истакна Пеева.
Договорите кои ќе бидат склучени за овие две јавни набавки ќе бидат за период од три години и се соддржани во Планот за јавни набавки за оваа година.