Шампањско и безглутенска храна за Брајан Фери во Скопје: Американската ѕвезда без специфични барања


Скромни се барањата на светската поп-ѕвезда Брајан Фери (72), пред неговиот концерт во Скопје кој ќе се одржи в недела во Македонска филхармонија од 20 часот. Ова е второ гостување на светски познатиот музичар во Македонија, во организација на „Авалон“ продукција.

– Фери и екипата немаат специфични барања, туку се скромни, со оглед дека станува збор за светски познат артист како што е тој. Инсистираат на безглутенска храна и вегетаријанско мени, многу вода, свежо цедени сокови и освежителни пијалоци, велат од „Авалон продукција“.

Во бекстејџ зоната треба да има многу овошје и зеленчук, свежи сокови. Од пијалоците што се побарани, ќе има Дом Перињон шампањ и квалитетно вино.

-Се разбира, за музичар како што е тој, ова е скромна рајдер листа. Најважен им е техничкиот рајдер, кој мора да биде изработен до перфекција, објаснува организаторот.

Подготовките за долгоочекуваниот концерт на еден од најдобрите светски пејачи, Брајан Фери, течат во најдобар ред и се во завршна фаза. На сцената на Филхармонија ќе настапи заедно со 12 музичари.

Претходно Фери имаше концерт во Охрид во 2006 година.

Поп-ѕвездата ја почна кариерата во 1973 година како член на „Рокси мјузик“. Ја стекнува светската слава во 1982 година со албумот „Авалон“,  а во текот на кариерата има продадено над 30 милиони албуми, колку што тежи во долари.

По аферата со манекенката Џери Хол, која му раскина заради Мик Џегер, Фери зад себе има два брака и четири деца. Годинава, „Рокси мјузик“ го издаде делукс изданието на деби-албумот на групата, во чест на 45-годишниот јубилеј. (Л.С.)