Хан за „Та неа“: Може да се најде решение на името, но важен е и квалитетот на договорот
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во интервју за грчкиот весник „Та неа“, изрази убеденост дека може да се постигне решение за името, и оценува дека во Софија нема да биде одлучувачката точка за тоа дали ќе има решение, туку тоа што е важно во овој процес е квалитетот на договорот.
– Со оглед на напорите што ги вложија двете страни со посредство на претставникот на ОН, Метју Нимиц, убеден сум дека може да се најде решение. Дали тоа ќе се случи уште во Софија не е одлучувачката точка, тоа што е важно е квалитетот на договорот. Доколку е изводливо во Софија, ќе биде уште подобро. Но, најважна е одлучноста на двајцата лидери да стигнат до компромис прифатлив за двете земји. Решението не е добро само за Поранешната Југословенска Република Македонија, туку и за целиот регион, вели Хан во интервјуто за „Та неа“ што е под наслов „Изводливо решение дури и во Софија“, одговарајќи на прашањето дали очекува некаква важна разврска на Самитот ЕУ-Западен Балкан во бугарската престолнина, каде што е закажана средба на Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Дописникот на МИА од Атина јавува дека комесарот за проширување на ЕУ во интервјуто говори и за европската перспектива на Македонија и Албанија и напредокот што го имаат направено овие две земји.
Нашата земја, вели, „со активна поддршка од ЕУ ја надмина длабоката политичка криза и спроведе важни реформи поврзани со договорот од Пржино“, но и дека се доближи до соседите, како преку договорот со Бугарија, така и преку напорите да се најде компромис со Грција.
– Одлуката за почеток на преговорите ќе биде огромен поттик за овие две земји да продолжат уште повеќе да ги зајакнат нивните реформи. Би поздравил една позитивна одлука на Советот, бидејќи ЕУ ќе треба, исто така, да одговори на нејзината заложба во однос на европската перспектваа, кога земјите прават видлив напредок во реформската агенда, вели Хан во однос на напредокот и европската перспектива на Македонија и Албанија.
Во однос на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Софија, комесарот за проширување вели дека уште еднаш ќе се потврди европската перспектива на земјите од регионот, но Самитот нема да се сведе само на изјави, туку ќе има и конкретни проекти.
– Ќе презентираме пакет интерконекции со конкретни проекти во областа на транспортот, енергијата и дигитализацијата, што ќе ги зајакнат врските на земјите од Западен Балкан во самиот регион и со Европската унија. Овој пакет ќе ги зајакне инвестициите, со што ќе го поддржи економскиот развој и ќе создаде работни места. Исто така, тој ќе даде придонес во духот на Берлинскиот процес за подобра размена и разбирање во регионот, вели Хан.