(Фото) Врвна мода од текстилен отпад: Штип-Скопје-Лондон
Како изгледа врвен моден дизајн од текстилен отпад? Да биде убав на око, пријатен за носење, да привлече купувачи и производители, да го сврти вниманието на јавноста и на медиумите, да придонесе за позитивни промени на планетата и да ја подигне еколошката свест во Македонија?
Дознавме вчера, на 94 километри од Скопје, еден час возење до центарот на текстилот во Македонија- Штип. Работилницата на „Астибо“ беше своевидна модна писта, а познати и нови манекенки од агенцијата „Подиум’ презентираа 14 урбани и уникатни креации од нула отпад на 8 млади дизајнери за кои допрва ќе се зборува.
Капсулните колекции се дело на студенти или дипломирани модни дизајнери- учесници на проектот „Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна” (#sustainablestorymk)) : Емануела Трајческа, Сара Реџиќ, Ева Зарезанкова, Натали Наумова ,Радица Лазова, Катерина Димитровска, Мирјана Јосифоска и Дана Ќосева под менторство на дизајнерката Ирина Тошева.
И овој пат, Света Богова-Јовановска со својот тим, во соработка со Министерството за економија на РМ, со поддршка од Министерството за култура на РМ во рамките на манифестацијата „Нов културен бран 2018“ и Британскиот совет ги споија младите таленти и текстилната индустрија во Македонија и покани модни практичари од Велика Британија со цел да најдат најсоодветен начин за повторна употреба на текстилот.
Во втората фаза, пред финалната ревија на Моден викенд-Скопје на 2 ноември, во хотел „Мериот“ , учесниците ќе ги менторираат и гости од Велика Британија бидејќи одржливата мода е возможна и усовршена од многу британски модни етикети. Целта се сертифициран органски памук, бавно производство, одржливи ткаенини, производство на нула отпад, вегански материјали и етички услови за производство.
Иницијативата на проектот започна во септември годинава, со континуирани активности и презентација на првиот дел од модната приказна закажан за октомври во Штип-центарот на текстилот во Македонија.
Цели на пректот се развој на професионални вештини, поддршка на млади креативци, нивно советување и едуцирање со цел поуспешна идна карирера, поттикнување на соработка меѓу модната и текстилната индустрија, регионална и интернационална промоција на земјата, решенија за општествените проблеми и нашиот заеднички придонес за животната средина. (Л.С.)