(Фото) Балетска магија на мраз: Скопје како Санкт Петербург
Скопје една вечер беше Санкт Петербург. Светска метропола која почнува да дише празнична, новогодишна атмосфера, која верува на бајки, која ужива во магии и снег и почитува врвен балет со призвук на спектакл.
Синоќа, во Македонската опера и балет, со две претстави на „Заспаната убавица“ од Петар И. Чајковски, малите беа големи, големите беа мали, децата учеа култура на однесување и живеење, а возрасните уживаа во изведбата на ремек-делото на Чајковски што Државниот балет од Санкт Петербург го изведува на речиси сите светски балетски и оперски сцени.
Оваа традиција во Скопје веќе трета година по ред ја носи „Прагма продукција“. Скопјани досега ги видоа на мраз и балетите „Лебедово езеро“ од Чајковски и „Оревокршачка“.
Државниот балет на мраз од Санкт Петербург е основан во 1967 година од извонредниот кореограф Константин Бојарски и претставува успешно продолжение на традиционалната руска школа за класичен балет. Бојарски бил поранешен солист на светски познатиот балет „Марински“ и школски другар на славниот Рудолф Нуреев. Играл со Михаил Баришњков и Наталија Макарова. Музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин, познат руски диригент.
Во балетската компанија има повеќе од дваесет танчари што имаат титули во уметничко лизгање. Од 1995 година балетот на мраз од Санкт Петербург игра и на сцените на светските оперски и балетски куќи. На нивниот репертоар се познатите балети на Петар И. Чајковски – „Заспаната убавица“, „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, како и балетите „Ромео и Јулија“ и „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев.
Л. Сабит Фото: Борис Грданоски