Утре продолжува седницата за Законот за јазици. Има ли договор за амандманите ?


По речиси еден месец чекање и тактизирање, спикерот Талат Џафери го закажа за утре продолжението на 32 пленарна седница, на чиј дневен ред следна точка за дискусија е Законот за употреба на јазиците, за кој ВМРО-ДПМНЕ поднесе близу 36 илјади амандмани.

Според Законот за Собрание, регулативата за јазиците во трето читање, односно по ветото од претседателот Ѓорге Иванов, требаше да почне да се разгледува на 11 февруари, поточно 30 дена по нејзиното донесување. Но, Џафери во изминатиот период изјавуваше дека е во постојана кооординација со другите пратенички групи, вклучително со ВМРО-ДПМНЕ за надминување на амандманската блокада преку политички договор.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак, најавија дека ќе бидат присутни во парламентот кога ќе се расправа за Законот за јазици, кој е дел од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ.

Со оглед на тоа што средбите што за време на викендот ги имаше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со премиерот Заев не резултираа со приближување на ставовите околу Законот за јазици, неизвесно е како ќе се развива утрешната седница. Можните сценарија се спикерот Џафери да ја прескокне оваа точка и да се префрли на следниот закон на дневен ред или, пак, да ја прескокне амандманската расправа, што го навести како можност неодамна. Но, прашање е дали за таа варијатна може да очекува поддршка од СДСМ. Не се исклучува ниту можност во последен момент да е постигнат одреден договор меѓу мнозинството и опозицијата за тоа како ќе се носи Законот за јазици во трето читање. (А.М.М.)