Уметницата Марија Павловска со соло проект на Венециско биенале


Веќе се појавуваат имиња на македонски уметници кои ќе имаат свое учество на 58. Биенале на уметноста во Венеција, но под различни услови. Досега, ниту еден од нив не е официјално потврден како македонски претставник, бидејќи Министерството за култура сè уште не објавило конкурс.

На прашањето на „Независен“ кога ќе се случи тоа, одговорот од Министерството беше дека конкурсот ќе биде објавен во текот на неделава што изминува.

Како што објави „Независен“ пред десетина дена, уметникот Игор Јосифов на поканата на Европскиот културен центар  ќе изложува на Венециското биенале 2019 година, во рамките на изложбата „Персонал стракчрс“ на една од подобрите локации таму, а тоа е Палацо Мора.

На истата локација во Палацо Мора ќе биде претставен проектот на Марија Павловска во централниот дел, кој е на истиот кат со изложбениот простор на Јосифов.

Во случајот со изложувањето на Павловска, како што нè информираше, станува збор за официјална покана за учество од страна на Венециското биенале  за претставување во национален павилјон. Поканата доаѓа врз основа на нејзината долгогодишна работа со нејзиниот проект „А риакшн“, кој бил највпечатлив за Венециското биенале.

„На овој проект работам веќе 4 до 5 години во добиената резиденција-ателје на ‘МАНА контерпорари’ во Њујорк и дел од него е изложен прво на ‘Арт Басел Мајами 2015’, проект со наслов ‘Монументал’, кој беше и документиран и продуциран од ‘МАНА контерпорари’. Учество зедов со престижни имиња како Жулијан Шнабл, Марина Абрамовиќ, Санте де Орацио, Реј Смит…Од Венециското биенале лично ми кажаа дека токму таму ја забележале мојата работа, проследиле дека ја добив наградата за сликарство од престижната ‘Карол Фурман фондација’ во Њујорк и дека го проучиле видеото ‘А риакшн’. Поради сето ова, ме поканија да бидам претставена како автор на Биеналето на уметноста во Венеција 2019 и самите ми посочија простор каков што заслужува проектот, а тоа е Палацо Мора на првиот кат ‘Спејс А’, соба 2 на површина од 173 м2“, вели Павловска и додава дека нејзиниот проект содржи оригинални дела, видеозаписи кои се увертира во инсталацијата.

Палатите во Венеција, кои се дел од изложбените простори на Биеналето на уметноста, меѓу кои е и Палацо Мора, се менаџирани од Европскиот културен центар и од ГАА фондацијата. Павловска, покрај поканата за учество, од овие фондации добила и грант од 70 илјади евра за презентацијата на авторскиот проект во Венеција. Зад нејзиното претставување на 58. Венецијанско биенале стојат и „МАНА Контерпорари“ од Њујорк, вели Павловска.

-Европскиот културен центар и ГАА се фондации кои блиску соработуваат или изложуваат проекти на соло автори или групни изложби во текот на Венециското биенале, но не се дел од официјалната програма. Изложбата што тие ја претставуваат во текот на Биеналето носи наслов „Персонал стракчрс“, „Тајм“, „Спејс“  и „Егзистенс“ во текот на Биеналето на архитектурата. Европскиот културен центар и ГАА успешно се домаќини на осум интернационални презентации, односно павилјони кои се официјален дел од Венециското биенале во соработка со земјите што немаат свој павилјонски простор – вели Павловска.

На прашањето дали ќе се обрати за поддршка до Министерството за култура, бидејќи сè уште нема објавен конкурс, таа вели дека неминовно е да знаат за овој успех и резултат.

-Ова е успех на Македонија, не само мој и ќе се запазат сите регулативни процеси – вели Павловска.

Од Министерството за култура за „Независен весник“ рекоа дека досега се објавуваше посебен конкурс за Биеналето и дека тоа е добра практика која треба да продолжи и во иднина.

„Интересот за оваа интернационална манифестација е секогаш голем и стручната комисија има избор во низата проекти да го одбере најдобриот. Досега до Министерството за култура не е поднесено ниту едно барање од уметниците од РМ за поддршка за ова национално претставување, но уверени сме дека по објавувањето на конкурсот до Министерството ќе се адресираат повеќе апликации“, велат од  Министерството.

Темата на Биеналето на уметноста во Венеција 2019 е инспирирана од „денешното интересно време“, преку наездата на лажни вести, како и од срушените вредности. На оваа меѓународна изложба што ќе се одржи од 11 мај до 24 ноември 2019 година, за уметнички директор е избран лондонскиот куратор Ралф Ругоф, а претседател е Паоло Барата.

Ивана Настеска