Тротоар на надеж
Звонко Давидовиќ
Рекорд, некогаш култно место на кое се чекавме како млади, место од кое почнуваше ноќниот живот во Скопје. Некогаш автобусите што застануваа тука со нетрпение ги очекувавме и со нестрплив поглед ги следевме за да ги видиме другарите што ги чекавме. Секогаш вриеше како во кошница од млади насмеани луѓе, полни со сништа и надеж. Мирисаше Рекорд на среќа, љубов, насмевки, другарство и на Зуко.
По триесетина години, Рекорд повеќе не постои освен во нашите души, темен е и заграден со столпчиња и полициски метални огради. Нагрден е со барокни фасади и народната канцеларија на човекот кој служи за подбив. На тротоарот неколку кучиња кои ме дочекуваат секое утро кога одам на работа. А, зад нив сместен помеѓу преминот за накај Беко (сега е којзнае што, како и многу други објекти во градот) и Рекорд стои човек со две масички. На масичките ластичиња за коса и неколку пластични дреболии. Човекот е неупадлив со просечен изглед, за многумина секојдневни минувачи невидлив. Поминуваат покрај него забележувајќи ги единствено неколкуте кучиња кои се галат околу него. Дел од минувачите уплашено ги заобиколуваат, а дел луто и надмено коментираат низ заби поради кучињата. А, тие се мирни и со вперен поглед кон човекот со ластичињата.
Многупати сум застанал во минатото и сум купувал ластичиња за коса за ќерка ми. Човекот стоеше секогаш до масичето, ненаметливо и гордо одбиваше да прими и денар повеќе за продадените ластичиња. Секогаш имаше кусур, до денар гордо го враќаше и скоро луто објаснуваше дека цената е таа и не сака ни денар повеќе.
Минатата сабота со ќерка ми пазарувавме и ме замоли да поминам покрај Рекорд, имала нешто работа. Застанав на самиот пешачки премин, а таа истрча од автомобилот довикувајќи ми дека брзо ќе заврши. Низ ветробранското стакло видов како купува ластичиња од човекот околу кој беа кучињата и кој гестикулираше нешто и пишуваше на ливче покажувајќи ѝ го. Се врати брзо со куп ластичиња во рацете, седна во автомобилот и на поминување му мавна на човекот поздравувајќи го. Човекот стоеше гордо загледан во далечина со кучињата наредени околу него.
Искоментирав дека ластичиња можевме да купиме и на друго место. „Не можевме“, ми одговори, сериозно гледајќи ме онака со ширум отворени очи, како што тоа го прават децата кога го советуваат родителот и сакаат да му го пренесат своето чувство и доживување на светот и околината. „Тој човек се грижи за кучињата и секојдневно ги храни, а корисник е на социјална помош, одвај има и за себе. Болен е од рак на грло и опериран е, затоа не може да зборува и пишува на ливче“, продолжи ќерка ми. „Но и тоа не го спречува да се грижи за кучињата. Не сака никогаш да му оставиш пари, се лути, па морам да купувам ластичиња за да можам барем некако да му помогнам“, ја доврши приказната ќерка ми. Се стаписав и ми потекоа солзи од бес, лутина, засраменост, се измешаа чувства во мене барајќи одговор на многу прашања.
Одговорите ги немам, не знам зошто некој има душа, а некој не, зошто е некој невидлив за луѓето, а е поголем човек од сите нив заедно, зошто нацртаните „фрајли“ од министерството во близина и околните институции се полни со себе, а слепи за сѐ околу себе, зошто луѓето едноставно поминуваат и прескокнуваат туѓа мака, болка или доблест, без да застанат, приметат, помогнат.
Остана човекот со кучињата околу себе некаде таму кај Рекорд, а врвулицата од возила и пешаци продолжи да тече, несвесна, незаинтересирана, бесчувствителна. Но, несвесно или не, човекот го понесов со себе во мислите и душата размислувајќи за многу нешта. Наеднаш грдиот тротоар кај сега безличната народна канцеларија на однародениот професор и гротескните барокни фасади стана тротоар на надеж. Сѐ додека има вакви луѓе во вистинска смисла на зборот, со душа поголема од денешнината и ситните интереси и измами кои минувачите ги носат во душата заслепени со себеси и својата квазиголемина, има надеж за нас. Најскапо е она што нема цена, она што е добиено со срце и душа, а сето останато што може да се купи или плати е толку евтино.
Сите се раѓаме исти и еднакво немоќни, исти школи учиме, на истите улици играме, од истите болести боледуваме. Растеме едни покрај други, исти и слични сништа имаме, исти книги читаме и секој прави чекор кон судбината несвесен дека некогаш некаде на раскрсницата на животот веќе го избрал својот пат. И секој тргнува таму каде што избрал, не знаејќи што го чека на крајот на патот, и тоа е нормално и тоа е животот, но не ми е јасно каде и кога дел од нас ги изгубиле душата и чувствата кои ги прават луѓе. Несвесни и бесчувствителни чекорат низ животот прескокајќи ги попатно луѓето околу себе, губејќи го засекогаш човекот во себе.
Утредента отидов и купив голема вреќа со храна за кучиња, спремен да купам уште ластичиња. Се надевам дека човекот со кучињата ќе ја прими храната и нема да се налути… Се надевам дека никогаш нема да го изгубам или заборавам човекот во себе.