Триумф на „Обликот на водата“ и на Гилјермо дел Торо на 90. Оскари


САД– “Обликот на водата“, фантастичната романтична драма на мексиканскиот режисер Гилјермо дел Торо, беше прогласен за најдобар филм на 90. доделување на „Оскари“, синоќа во Лос Анџелес. Дел Торо го доби „Оскарот“ и за најдобар режисер Филмот имаше 13 номинации, а на крајот се закити со четири статуетки, оставајќи го благиот фаворит „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ со само две награди. Три освои „Данкирк“, но само во техничките категории.

– За овој момент мечтаев како момче во Мексико. „Оскарот“ го посветувам на сите млади режисери во целиот свет кои имаат намера да снимаат филмови, онакви какви што сакаат, изјави мексиканскиот режисер и додаде дека како многу други, е емигрант во Америка.

„Оскар“ за најдобра машка улога доби Гери Олдман за улогата во филмот „Најмрачниот час“, во кој маестрално го оживеа Винстон Черчил.

– Би сакал да се збалагодарам на мојата мајка која има 99 години и која е постара од Оскарот. Мамо, стави вода за чај, доаѓам, ќе донесам Оскар, изјави Олдман и му се заблагодари на Винстон Черчил, кој му „правел друштво“ додека ја креирал улогата.

Френсис Мекдерманд доби „Оскар“ за главна женска улога во филмот „Три билборди пред Ебинг, Мисури“. Таа ги повика сите жени во салата да станат…

– Не има многу во филмската индустрија во Америка. Важно е да разговараме меѓусебно, бидејќи имаме сешто да пружиме на таа индустрија, истакна Мекдерманд која славеше во категоријата најдобра актерка 21 година по триумфот со „Фарго“.

За споредна улога се наградени Сем Роквел („Три билборди пред Ебинг, Мисури“) и Алисон Џени („Јас, Тонја“). Истите четири актери претходно добија и Златен глобус и БАФТА.

Дел Торо го доби „Оскарот“ за режија за „Обликот на водата“, со што по четврти пат во последните пет години оваа награда ја доби Мексиканец, по Алехандро Ињариту (2016 и 2015) и Алфонсо Куарон (2014).

„Фантастична жена“ на Себастијан Лелио го доби „Оскарот“ за најдобар странски филм, со што наградата во оваа категорија за првпат замина во Чиле, а „Коко“ е најдобар анимиран филм, заокружувајќи ја својата жетва награди со„ Оскарот“.

Со 89 години, Џејмс Ајвори, кој претходно имаше три номинации, стана најстар добитник на „Оскар“ на сите времиња, што му припадна за адаптирано сценарио за „Викај ме со твоето име“.

Свој момент дочека и легендарниот британски снимател Роџер Дикинс, кој од 14. обид, конечно, доби „Оскар“, и тоа за „Истребувач 2049“.