Судот го „зароби“ Ќосето во магацин


Споменикот на Андон Јанев Ќосето сѐ уште е во магацинот на „Металскиот завод“, иако измина рокот од 30 дена откако Град Скопје го повика донаторот на споменикот, Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, да го подигне. Во случајов, донаторот и да посака, нема да може да го земе споменикот бидејќи во меѓувреме леарницата во која тој се леел го тужи донаторот за неисплатен долг.

„Додека судски не се реши тој спор, Ќосето ќе остане во нашиот магацин“, појаснуваат од Град Скопје.

И не само за Ќосето, Здружението од Лерин не исплатило уште четири споменици кои како донација ги доби Град Скопје. На 25 април во граѓанскиот суд почнува постапката за која е информиран градоначалникот Шилегов.

По отстранувањето на споменикот од пред Врховен суд, Општина Сопиште и истоименото велешко здружение и Здружението на воени ветерани од 2001 година поднесоа иницијатива да го постават на подрачје на Сопиште, односно во Велес.

Градските власти го урнаа споменикот по налог на Општина Центар, чиј градежен инспектор утврдил дека споменикот на Ќосето бил поставен незаконски. (Д.Т.Д.)