Стопанска комора: Логично е и Македонија да го укине летното и зимското сметање на времето
Доколку Европската Комисија одлучи да се укине летното и зимското сметање на времето логично би било одлуката да се примени и во државава, со оглед дека ЕУ е нашиот најголем надворешно трговски партнер и над 80 отсто од нашиот извоз е насочен на европскиот пазар, е став на Стопанската комора.
– За да не постојат разлики во соработката со компаниите од тие пазари сметаме дека ваквото решение би било логично да се примени и кај нас – изјави денеска Билјана Пеева Ѓуровска од Стопанската комора на Македонија.
Промената на сегашното законско решение подобри резултати би имало во земјоделскиот сектор, но има и други сектори кои се засегнати со решението.
– Доколку Унијата одлучи ваквото сметање на времето да се усогласи тогаш за очекување е дека би требало да се размислува во тој правец и кај нас со тоа што треба да се направат многу пошироки анализи и согледувања какви ефекти тоа би предизвикало во нашето стопанство – рече Пеева Ѓуровска.
Крајната одлука за укинување на зимското и летното сметање на времето треба да ја донесе Европската комисија, на предлог на Европскиот Парламент.
Во земјава сегашното сметање на времето е воведено во 1996 година.
.