Со џип поминал преку бадникарски оган и прегазил двајца
Две лица се повредени ноќеска во село Мирковци кога жител на Кучевиште поминал со неговиот џип „мерцедес“ низ бадниковиот оган и удрил во нив.
Полицијата информира дека настанот се случил ноќеска околу 1:40 часот во скопското село Мирковци, на местото викано Горно Маало, каде што по повод Бадник имало запалено оган и биле присутни повеќе граѓани. И.П. од село Кучевиште им се доближил на граѓаните и им се заканил дека со неговото возило ќе помине низ огнот и дека ќе ги прегази. Потоа тој го стартувал неговото теренско возило „мерцедес“ со непознати регистарски ознаки, тргнал кон присутните граѓани, поминал низ огнот и удрил во М.Б. (39) и Б.К. (39), двајцата од село Мирковци по што избегал во непознат правец.
Со возило на Итна медицинска помош, М.Б. и Б.К. биле пренесени во Градската општа болница „8-ми Септември“, каде им биле констатирани телесни повреди. По укажаната лекарска помош, двајцата биле пуштени на домашно лекување.
СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување на случајот.