Серија тешки сообраќајки во Скопје


Седум повредени во четири тешки сообраќајки во Скопје е саботниот биланс од улиците на главниот град на Македонија. Во три часот после полнож, на улицата „Борис Трајковски“, Д.З. (32) од Скопј,е управувајќи патничко моторно возило „фиат браво“, удрил во метална бандера за улично осветлување и во паркирано возило „тојота јарис“, исто така со скопски регистарски ознаки. По незгодата, со возило на Итна медицинска помош, сопатниците од „фиатот“: С.Л. (19), М.В.Т. (19) и К.М. (20) сите од Скопје, се пренесени во Ургентен центар – Скопје, каде на С.Л. и се констатирани тешки телесни повреди и во животозагрозувачка состојба е задржана на лекување. Oстанатите се здобиле со телесни повреди и се пуштени на домашно лекување. Извршен е увид на местото на настанот, соопшти МВР.

Околу 17.30 часот, на крстосница од булевар „8 Септември“ со улица „Момин Поток“, патничко моторно возило „фиат добло“, управувано од С.П. (61) од Скопје удрило во велосипед, управуван од непознато машко лице на возраст од 60-70 години.

„Во незгодата со повреди се здобило лицето кое го управувало велосипедот и со возило на Брза помош е пренесено во Ургентен центар – КАРИЛ, каде му се констатирани тешки телесни повреди (коматозна состојба) и е задржано на понатамошно лекување“, соопштија од полицијата.

Дваесет минути подоцна, на улицата „Никола Карев“, „сеад толедо“, управувано од Д.Ц. (31) од Скопје, удрило во пешаците С.К. (65) и Б.К. (67), двајцата од Скопје. Со возило на брза помош, С.К. е пренесена во Градска оппшта болница „Св.Наум Охридски“, каде и биле констатирани тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош е задржана на понатамошно лекување, додека Б.К.со возило на брза помош бил пренесен во Ургентен Центар – Скопје, каде му се констатирани тешки телесни повреди и е во животозагрозувачка состојба.

Во 20 часот, од страна на полициски службеник е пријавено дека на улица „Никола Русински“, неговиот колега униформиран полициски службеник бил удрен од патничко моторно возило „фиат стило” со скопски регистарски ознаки и истиот е пренесен во Градска општа болница „8 Септември“, каде му се констатирани телесни повреди и пуштен е на домашно лекување.

„Извршен е увид на местото на настанот. За настанот е известен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди“, велат од МВР.