Реал Мадрид за прв пат ќе одржи фудбалски камп во Македонија


Фондацијата Реал Мадрид Кампус Експирианс доаѓа во Македонија со проект за фудбалска едукација на момчиња и девојчиња на возраст од 7 до 17 години.

Кампот ќе се одржи на лето на терените кај комплексот на ФФМ и ќе има едукативен и рекреативен карактер со цел промоција на спортскиот живот и социјален развој.

Поддршка на овој проект даде и Агенцијата за млади и спорт.

– Ние како Влада и Агенција за млади  ги поддржуваме младинските категории спортисти. Се надевам дека овој камп ќе им помогне на македонските млади спортисти кои ќе ги бранат боите на Македонија, рече Дарко Каевски, директор на АМС.

Фондација на Реал Мадрид е присутна на пет континенти со повеќе од на 5 континенти со повеќе од 3.500 учесници.

Со македонските млади фудбалери ќе работат тренери од Шпанија, на секои 20 деца по еден тренер, а на крајот учесниците ќе добијат сертификат за учество.

Директорот на Фондацијата на Реал Мадрид, Хоакин Сагес Блеса очекува кампот да предизвика голем интерес кај македонските млади фудбалери и се надева дека ќе стане традиционален.

– Десет години го водиме кампот и многу сме горди што првпат сме во Македонија. Голема благодарност до Владата и Фудбалската федерација на Македонија кои ни даваат голема поддршка да го реализираме проектот. Ние сакаме да им овозможиме на дечињата и момчињата, од една страна фудбал, а од друга страна вредности како лидерство, тимска работа, автоконтрола и почит кон останатите, изјави  Блеса на денешната прес-конференција.

Кампот на Реал Мадрид во Скопје ќе се одржи од 11-15 јуни.