Путин: Уривањето на рускиот Иљушин е резултат на низа трагични настани


Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека низа „трагични настани“ довела до уривањето на рускиот авион Иљушин Ил-20, со 15 војници и членови на екипажот во Сирија.

Авионот беше соборен од страна на сириската противвоздушна одбрана, која мислела дека се работи за израелско летало што учествува во напад врз проирански цели во Сирија.

– Колку и да го споредуваме случајот со претходниот инцидент, кога турски ловец собори наш авион, ова е поинаква ситуација. Тука повеќе се работи за низа трагични настани. Тогаш турскиот авион свесно го собори нашиот, а во овој случај израелски авион не го урна нашиот авион, изјави Путин.

Руската армија претходно ја обвини израелската армија дека го предизвикала инцидентот со тоа што извршила напад врз Сирија без да ги информира руските сили и да им даде доволно време да ги повлечат своите летала.

Според некои руски обвинувања, израелскиот авион кој ракетирал цел во Сирија намерно летал во близина на рускиот Иљушин за да се скрие од сириската противвоздушна одбрана, но израелската армија потенцираше дека нивниот напад бил завршен и нивните авиони се вратиле во воздушниот простор на Израел, пред уривањето на руското летало.

Путин денеска за случајот телефонски разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.