Приведен осомничен убиец од Кавадарци


Полицијата вчера во 10 часот на улица „Мито Хаџивасилев Јасмин“ во Струмица го привела И.С. (37) од Кавадарци осомничен за сторени повеќе кривични дела тешки кражби и тешки кражби во обид во станови во повеќе градови во државата, како и кривично дело убиство во обид.

И.С., кој претходно имал извршувано вакви и слични дела и престојувал во казнено-поправен дом, како што изјави денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски, 127-те кривични дела ги извршил во периодот  од мај до септември во повеќе градови од државата. Полицијата покрај тоа што има обезбедено докази против осомничениот, има и признание од кавадарчанецот за сторените кривични дела.

– Вкупно 127 кривични дела од кои 110 тешки кражби, 15 тешки кражби во обид, една кражба и една разбојничка кражба. Делата се извршени на ист начин со кршење на цилиндри на брави од влезните врати, влегувал во станови и најчесто одземал пари и златен накит, но и други предмети, појасни портпаролот на МВР.

При извршен личен претрес кај И.С. биле пронајдени и одземени мобилен телефон, клучеви и фолии за отворање блиндер врати, француски клуч за кршење цилиндер брави, пари и други предмети. Во претресот извршен во куќата во Прилеп, во која привремено престојувал И.С. биле пронајдени голем број предмети кои потекнуваат од кривичните дела, а како што информира Ангеловски, украденото злато го продавал во златарски дуќани во Охрид и во Прилеп.

Ангеловски информира дека кавадарчанецот се сомничи и за убиство во обид.

Полициската станица Кавадарци поднела кривична пријава против И.С. поради основано сомнение дека сторил кривично дело убиство во обид.

– И.С. на 6 јуни 2018 околу 11 часот по телефон и се јавил на неговата пријателка Р.А. која била во село Сопот и со такси-возило ја земал и ја однел во село Бегниште. Кога заминале кон гробиштата во селото Р.А. му кажала дека е бремена по што И.С. извадил нож и ја прободел во стомакот, појасни портпаролот во МВР.

Во текот на денот И.С. ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во Судот во Велес.

Инаку, приведениот кавадарчанец, на подрачјето на СВР Струмица извршил 10 кривични дела, седум во Струмица и три во Радовиш. Дванаесет тешки кражби извршил во Штип, пет во Кочани, како и четири кривични дела во Куманово. На подрачјето на СВР Битола извршил 31 кривично дело, од кои 16 во Битола, пет тешки кражби во ресен и 10 во Прилеп. Во велес извршил осум кривични дела и две во Кавадарци. Кавадарчанецот во Охрид извршил 31 кривично дело, а во Кичево 10. Во Скопје, пак, извршил 19 кривични дела.