Почнуваат саемите за градежништво, Технома и Realexpo


Од денеска до недела во ВИП Арената „Борис Трајковски“ ќе се одржат 15. Меѓународен саем за градежништво и 8. Саем на недвижности и инвестиции „Realexpo“. Паралелно со овие саеми ќе се одржува 44. издание на „Технома 2018“ кое на едно место ги собира компаниите од областа на металургијата, електрониката, енергетиката и неметалите.

На површина од 5.000 квадратни метри ќе се претстават околу 70 изложувачи од Македонија, Хрватска, Србија, Бугарија и Грција, а посетителите ќе имаат можност на едно место да ги разгледаат понудите на градежните компании и банките и да ја согледаат моменталната понуда на пазарот на недвижности.

Од Скопски саем, кој е организатор на саемите, се надеваат дека и годинава компаниите ќе имаат богати понуди со попусти како и досега. На саемите ќе се претстават и неколку банки кои ќе ги поддржат посетителите во изборот на станови.

Во рамки на саемите ќе се одржи и „Техноинвест“, а дебатите и презентациите ќе бидат на тема еко-енергетика, технолошки иновации, иновации во градежништвото и вработување во сектори кои допрва ќе се отвараат на македонскиот пазар на труд.

Програмски партнер на саемските манифестации е Програмата за поддршка на зелена економија на Европската банка за обнова и развој преку која се обезбедуваат средства за инвестиции во енергетски ефикасни технологии. Проектот може да го користат сите оние кои градат нови фамилијарни куќи или ги реновираатсвоите станови и куќи.

Како и секоја година, во програмскиот дел ќе биде вклучена и „Макинова“ на која ќе бидат презентирани последните достигнувања, пронајдоци, иновации, нови технологии и производи, индустриски дизајн, трговски марки, младинско – истражувачко и кретаивно творештво. „ЕКОНОВА“ како изложбен дел на „Макинова“ ќе се претстави на темата на иновации, пронајдоци и идеи чија цел е подобрување на животната средина.

Саемите ќе бидат отворени секој работен ден од 10 до 19 часот. Цената на билетите е 80 денари, а за групни посети 40 денари. On-Line билети може да се купат и преку преку мрежата на www.mktickets.mk и www.karti.com.mk.

За време на саемските манифестации ќе бидат воведени две привременски автобуски линии со броеви 100 и 200. Автобуската линија 100 ќе сообраќа од Ново Лисиче до ВИП Арената „Борис Трајковски“, а линијата 200 од Дексион во Ѓорче Петров до ВИП Арената.