Почна одбројувањето за Груевски


Најрано денеска, а веројатно идната недела, Никола Груевски ќе дознае дали ќе оди во затвор поради набавката на луксузниот „мерцедес“ во Министерството за внатрешни работи. По многу перипетии, во скопскиот Апелациски суд конечно заврши расправата по жалбата на осудените, па сега останува нејасно единствено дали повисокиот суд ќе ја прифати или отфрли првостепената пресуда на судијката Добрила Кацарска со која Груевски е осуден на две години, а Ѓоко Поповски на шест години затвор.

Правниците објаснуваат дека денот на одлуката зависи од повеќе работи, пред сè од тоа дали судечкиот совет, во кој има петмина поротници, а со кои раководи судијката Цветанка Периќ, ќе има единствен или спротивставен став. Во првиот случај, одлуката може да биде донесена само неколку часа по завршувањето на расправата. Во вториот, би имало соочување со фактите и аргументите, па ако и треба и надгласување. Тоа би можело да значи оддолжување, но не во недоглед. Се претпоставува дека во овој случај одлуката на Апелација ќе дојде најдоцна идната недела. Решението најпрво ќе биде доставено до првостепениот суд (Кривичниот), а потоа и до странките: одбраната на адвокатите и застапникот на обвинението од специјалното јавно обвинителство. Одлуката на Апелација се смета за конечна, иако двете страни имаат право на вонредни правни мерки до Врховниот суд, но тоа не го спречува извршувањето на одлуката.

Доколку Груевски биде осуден, односно доколку Апелацискиот суд ја потврди затворската казна, а откако за тоа писмено ќе бидат известени неговите адвокати, ќе добие налог од судот во рок од три дена да се јави на издржување на казната во затвор. Тој има право да бара одложување наведувајќи од кои причини. Доколку, пак, првичната пресуда биде поништена, судењето се враќа на почеток и предметот ќе застари, затоа што ќе поминат шест години откако се случило делото.

Токму застареноста на делото беше еден од аргументите на одбраната со кој се бараше поништување на првостепената пресуда. Согласно најавите од вторникот, ниту Груевски ниту неговите четворица адвокати не дојдоа на расправата, каде што присутни и вчера беа другиот обвинет Ѓоко Поповски и неговиот адвокат Стерјо Зиков. Поранешниот премиер со својот тим поднесе пет жалби што јавно беа прочитани во судот. Се тврди дека Кацарска со донесената пресуда сторила повреда на Кривичниот законик и на одредбите на кривичната постапка. Одбраната се жалеше дека „бомбите“ се незаконски прибавени, нема документ за извршено примопредавање од СДСМ до СЈО, дека не биле читани доказите, туку само насловите и тоа копии од нив…

Груевски на 26.2.2012 година побарал ‘да се набави тоа на М’, како што вели судијката во пресудата, повикувајќи се на прислушуваните разговори и тоа не е релевантен доказ. СЈО не докажува дека овие разговори не биле подложени на манипулации. За кривичното дело од член 359 став 2 од Кривичниот законик се предвидува казна затвор во траење од најмногу 3 години. Овде има застареност на кривичното дело за кое се гони обвинетиот“, се вели во една од жалбите поднесена од адвокатите на Груевски.

Адвокатите се жалеа и на вештачењето што го направиле лица и фирми (Димитар Бузлевски и Тале Герамитчиоски), кои се поврзуваат со СДСМ. Беше речено и оти бил прекршен Законот за приватност.

Жалба за шесте години затвор за Поповски поднесе и неговиот адвокат Стерјо Зиков. Според него, пресудата има многубројни недостатоци, пред сè суштествени повреди во постапката, а направени се и големи повреди во Кривичниот законик. Зиков пред судечкиот совет на Апелацискиот суд се пожали и на вештачењето во врска со овој предмет велејќи дека е премногу скапо.

Преседан е две вештачења од по 10 страни, за кои јас плаќам во пракса од 100 до 200 евра, СЈО ги платило по 2.500 евра, односно вкупно 5.000 евра“, рече Зиков.

Обвинителот Гаврил Бубевски побара судот да ги отфрли сите жалби на одбраната како неосновани. Во врска со застареноста, рече дека не може да се тврди дека делото е сторено на 26 февруари, затоа што тогаш се случил телефонскиот разговор на кој Груевски наложил да се набави возилото, но оти потоа имало неколку средби и договарање меѓу Груевски и Јанкулоска. Покрај тоа, во меѓувреме, Груевски сторил уште неколку потешки кривични дела за кои е обвинет поради што не може да настапи застареност на првото дело. Бубевски рече дека Поповски, кој по вокација е правник, бил свесен за последиците и за постапките. Тендерот бил намерно скроен за да може само една фирма – „Мак ауто стар“ да ги исполни условите и да се пријави. Обвинетите точно договориле кои спецификации да бидат земени во предвид, за да отпаднат од игра другите фирми. Аудиоснимките не биле спорни, затоа што веќе биле прифатени како докази, а приватноста не може да биде нарушена во случаи кога јавен интерес е да се знае како се трошат државните пари. Вештачењето било скапо платено, затоа што во тоа време (2015 година) немало домашни експерти што би се нафатиле да вештачат предмет против Никола Груевски.

Поранешниот заменик-министер Ѓоко Поповски рече дека не е криминалец и оти не ја злоупотребил ниту, пак, знае што значи да се злоупотреби службената должност.

Јас само знам да одам на работа од 8:30 до 16:30 часот и чесно да работам. Но во оваа наша чудесна земја сè е можно. Ќе се послужам со една стара поговорка: ‘Не можат по коњот, па удрија по самарот’“, рече Поповски.

Тој тврдеше дека не учествувал во подготовката на тендерот ниту во подготовка на спецификациите со кои му се дава фаворитска улога на еден оператор.

На почетокот од рочиштето, Зиков, во свое и во име на колегите, побара изземање на специјалната обвинителка Катица Јанева, но тоа беше одбиено.

Не е тоа купување време, затоа што барањата за изземање се решаваат за неколку часа или најмногу за еден ден“, објасни подоцна Зиков.

Груевски, уште пред два дена, тврдеше дека судската одлука за него била донесена предвреме и оти судиите биле под невиден притисок да го стават во затвор пред одржувањето на референдумот.

Горан Адамовски