Пожарот во станот во скопски Центар подметнат од сопственикот


Полицијата денеска сопшти дека В.М. (39) вчера го опожарил својот стан во центарот на Скопје и оти нападнал и повредил полициски службеник, по што бил однесен во Душевната болница „Бардовци“.

Пожарот на ул. Даме Груев во зграда на вториот кат бил пријавен вчера во 10:27 часот.

Како што се наведува во соопштението од МВР, полициски службеници излегле на местото, каде бил затекнат В.М. (39), кој го опожарил својот стан. Притоа, тој нападнал еден полициски службеник, удирајќи го со глава во пределот на главата. Кај полицискиот службеник биле констатирани телесни повреди, а В.М. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Душевната болница „Бардовци“.

Од страна на екипа од Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил изгаснат и било констатирано дека од исчадувањето од пожарот настанало оштетување кај друг стан. Од користената вода за гаснење на пожарот, настанало и оштетување кај повеќе станови, стои во соопштението.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

(Фото:ТВ 21)