Пожар во каменичка Дулица


Во два одделни пожара кои денеска избувнаа во атарот на село Дулица, Македонска Каменица опожарена е борова шума на површина од близу два хектара.

Според информациите на Малин Трајчевски, одговорно лице од Територијалната противпожарна единица од Македонска Каменица, првиот пожар избувнал рано утрово и е локализиран во 7:15 часот.

– Утрово во 4:45 часот до ТППЕ во Македонска Каменица пристигна дојава за појава на пожар во село Дулица кај местото микано Козинец. Пожарот е локализиран нешто по седум часот, но во пладневните часови се појавува и нов пожар со посилен интензитет. Противпожарните екипи се на терен, пожарот иако е локализиран, се уште е активен и наша екипа се уште е на терен, информира Трајчевски.

Во гасењето на пожарите учествувале мешани екипи од ТППЕ од Македонска Каменица, Шумско стопанство и екипа на Шумска полиција од Македонска Каменица.

Според одговорните лица од ТППЕ во Македонска Каменица, симптоматично е времето и местото на појава на пожарите, при што не е исклучена можноста пожарите и во двата случаја да се подметнати.

Пожарникарите и истражните органи се на терен, а дополнителни информации тие најавија за утрешниот ден.