Османи: Историската мисија за обединета Европа е наша стратешка цел
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска имаше средба со делегација на Паневропското движење од Германија и Австрија, кои се во неколкудневна посета на Република Македонија, соопшти Секретаријатот за европски прашања.
– Паневропската идеја за обединета Европа веројатно претставува една од најпрогресивните и најблагородните идеи на минатиот век, која сè уште ја плени политичката идеологија на континентот. Таа е во иста насока и со нашите стратешки интереси за полноправно членство во Европската унија, истакнаа Османи на средбата. Тој додаде дека не само Македонија, туку и интеграцијата на целиот Западен Балкан во ЕУ претставува еден од најголемите предизвици на земјите од регионот, но во моментов и еден од најважните приоритети на Унијата.
Во тој контекст Османи го посочи позитивното расположение кое се создаде во текот на минатата година околу иднината на земјите од Западен Балкан, чии напредок беше валоризиран со Стратегијата за проширување на ЕК, а подоцна беше потврден и со извештаите за земјите од Западен Балкан. Овој нов бран европски оптимизам придонесе за создавање на нова позитивна атмосфера во регионот и претставува охрабрување и поттик за понатамошни реформи што ќе го приближат Западен Балкан кон ЕУ.
Османи потенцираше дека оваа посветеност на Унијата кон Западниот Балкан ќе ја има својата кулминација наскоро, на претстојниот Самит во Софија посветен токму на регионот, не криејќи ја притоа надежта и очекувањата на Република Македонија за одлука од страна на Европскиот совет во јуни, за почеток на преговорите.
– Нашите стратешки интереси се во насока на вашата историска мисија за обединување на Европа, истакна Османи, додавајќи дека Македонија има континуирана поддршка од страна на Австрија и Германија, и во таа насока очекува поддршка и од страна на германските и австриските претставници на Паневропската организација кои со својата моќ и влијание можат да дадат придонес во остварувањето на нашата стратешка цел – приклучувањето на Македонија во големото европско семејство