О ла ла колекција: Романтичната и заводлива Росица Мршиќ
Кај Росица Мршиќ, дипломец на Факултетот за визуелна уметност и дизајн во Ултрехт, Холандија, едноставноста е само привид. Ниту новата колекција за есен-зима „Велвет“ не содржи парчиња од кадифе. Тоа е игра на зборови, како и нејзината нежна појава која крие храбар креативец.
Самозатајната креаторка, која ретко ќе ја сретнете на јавни настани, дозирано не послужува со безвременска мода, иако нејзиното модно студио нон-стоп работи со полна пареа.
Синоќа, за новата колекција, кај неа на гости, тоа беа “макаронси“ во топлите виолетови и црвени тонови, боја на лаванда , црна, бела и сивата боја, кои ги вкусуваа згодни и успешни жени од јавниот живот во Македонија.
Дизајнерката Росица Мршиќ со новата колекција за есен и зима 2018 година воведува романтичен и заводлив изглед на жените за овој период од годината. Таа ја развива својата идеја за оваа колекција инспирирана од парискиот шик и шарм во заводливата музика од албумот Париз на Малколм Мекларен. Мекоста на силуетата, мазните текстури и клучните бои го одредуваат називот на оваа колекција.
Во нежните и меки форми користени за разиграна динамика е вметнат препознатливиот геометриски израз на дизајнерката за постигнување јасна и дефинирана силуета. Мршиќ употребува невообичаени плисирани структурни ткаенини, брокати, волнени и еко крзна за постигнување супериорна естетика на колекцијата.
„Велвет“ е 20-та сезонска колекција на Росица со која таа продолжува да им се обраќа на оние жени кои претпочитаат автентичен дизајн со кој се нагласува индивидуалноста и се постигнува препознатлива субтилна уникатност.
Фотографиите од оваа колекција се направени со македонската актерка Наташа Петровиќ. (Л.С.)