Ново рочиште за „Труст“ во Кривичниот суд
Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи ново рочиште за предметот на СЈО „Труст“, во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.
Обвинителството на минатото рочиште ја презентираше листата од над 1.500 докази.
СЈО се откажа од дел од доказите за кои треба превод, на што реагираа адвокатите на обвинетите несогласувајќи се со тоа, бидејќи имало документи што се важни за обвинетите. Судијката го задолжи Обвинителството да обезбеди превод на документите што се на странски јазик, меѓу кои има и фактури на турски, холандски и босански јазик, потсетувајќи дека службен јазик е македонскиот јазик со неговото кирилско писмо.
Одбраната побара како доказ да не се изведуваат 155 документи, како и да се изземат и аудиоматеријалите што се однесуваат на два телефонски разговори – еден меѓу Кирил Божиновски и Влатко Чинговски, а вториот меѓу Никола Груевски и Влатко Чинговски.
Од СЈО посочија дека тоа се важни докази за нив и дека јавноста треба да знае што се случило. Судот не го прифати предлогот на одбраната, но и не дозволи да биде изведен доказ со диск со обработени банкарски сметки.
Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.
Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.