Невремето го уништи пиперот во Струмичко
„За 20 минути останавме без речиси целиот род на пиперот. Од никаде, без предупредување заврна дожд, со град и силен ветер и уништи сè што беше засадено на отворено“, вели струмичкиот градинар Данаил Паланков. Тој вели дека не помни во својот животот град да заврне во овој дел од југоистокот. Токму поради тоа неговите насади со пиперки, меѓу селата Сачево и Муртино, не биле во пластеници.
Според првичните проценки, од поројниот дожд и град викендов, освен кај пиперките, предизвикана е штета и врз градинарските култури, зелката, посевите со пченица, но и материјална штета на објекти и приватен имот. Само во Струмица за дваесетина минути наврнале 33,7 литри на квадратен метар.
Најпогодени се населени места во општина Струмица и во општина Босилово. Вчера нив ги посетија министерот за земјоделство Љупчo Николовски, претставници од Министерството и локалните власти. Тие најавија дека постапката за проценка на штетите ќе се врши преку општините, со оглед на тоа што освен врз земјоделските посеви, невремето предизвика и материјална штета на објекти и приватни имоти.
Николовски посочи дека во соработка со општините, се преземаат мерки со цел навреме да се изврши проценка на штетите, а постапката ќе ја вршат комисиите формирани од општините Струмица и Босилово, кои ќе испратат информација до владината Комисија за обесштетување.
„Ја извршивме првичната проценка на штетите, а комисиите ќе ја довршат постапката со цел да им се помогне на производителите. Денеска ги направивме првичните согледувања заедно со земјоделците на површините кои се погодени, согледавме кои култури, во кои региони се најпогодени и како да се дејствува најсоодветно, согласно со постапките за обесштетување“, изјави Николовски.