На еден пациент со депресија, има уште четири што не се лекуваат


На еден болен од депресија, има уште четворица што не се дијагностицирани и не се лекуваат. Оваа болест на современиот живот станува водечки проблем секаде во светот и ни Македонија не е исклучок, велат психијатрите по случајот со професорката на Земјоделски факултет која се борела со депресијата и заврши трагично.

Според официјалните податоци, за пет години, за 37 отсто се зголемил бројот на депресивни пациенти  во Македонија. Ако во 2010 година болнички биле лекувани 585 пациенти, во 2015 година овој број бил 803 пациенти.

Порастот се гледа и преку употребата на седативи. Лековите за нервниот систем се третата група на лекови кои најмногу се трошат. Само во текот на минатата година биле препишани 3,37 милиони рецепти за анти – депресивни лекови. За овој вид терапија Фондот за здравствено осигурување лани потроши околу 6,5 милиони евра. Оваа сума е за девет отсто повисока во споредба со 2015 година.

Стојан Барјактаров, директор на Клиниката за психијатрија, вели дека Клиниката работи со полн капацитет и се полни сите термини преку „Мој термин“.

-На светско ниво, бројот на пациенти со депресија е запрепастувачки, особено во богатите земји. Кај нас, во однос на прегледи, бројот е приближно како и минатата година. Покриеноста на Македонија со психијатри е добра и имаме голем избор на антидепресивна терапија. Важно е да се знае дека депресијата ги погодува сите социјални групи и сите возрасти, но исто така се лекува и навреме треба да се побара помош – изјави Барјактаров.

Лекарите велат дека е позитивно тоа што стигмата се надминува и на одењето кај психијатар веќе се гледа како на потреба, а не како на срам, како порано.

Светската здравствена организација (СЗО) веќе ја прогласи депресијата за болест на иднината. СЗО предупреди дека во 2020 година депресиите би можеле да бидат втора најчеста болест во светот. Веројатноста во одреден период од животот да се заболи од депресија е 11-15 отсто. Жените се повеќе погодени од депресија отколку мажите, но и побрзо бараат стручна помош.

С.С.З.